Кој треба да контролира како се увезува, тргува и складира мазутот во земјава за кој КОД веќе откри дека сепак е отпадно масло кое е забрането за употреба во европските земји поради токсичноста. Институциите си ја префрлаат надлежноста една на друга. Од царина велат дека не требало да контролираат дали една фирма која увезува мазут има лиценца за да тргува со него.
КОД го објави случајот со фирмата на поранешниот директор на спортскиот центар, Ратко Капушевски сега сопственик на РКМ која лиценца добила лани летото а магацинската картичка покажува дека мазут бил увезуван и транспортиран и до поранешна Фени и до оранжерии Хамзали.
РКМ лиценцата ја добила на 20-ти јули лани а документите до кои дојде КОД се дека таа носела стока во земјава уште од крајот на 2019-та. Но за потребите на лиценцата пријавила дека мазутот со кој ќе тргува ќе биде складиран во Оранжериите. Нивниот сопственик пак за КОД тврдеше дека тоа е само фиктивно и мазут таму не бил складиран и најави дека ќе ни потврди и со документи но денеска не одговара на повиците.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ќе одат во проверка на фирмата, но и други за да утврдат дали се складира мазут таму. Остануваат на ставот дека складовите кои ги предлагаат трговците мора да бидат акцизни.
Регулаторната комисија за енергетика предлага при увозот на било кој нафтен дериват веднаш да се однесе во соодветниот склад и додека таму не се извршат контроли и од Царина и од Државен пазарен инспекторат да не смее да се тргува со соодветниот нафтен дериват, велат од рке.
За сега од Државниот инспекторат велат дека влегле во фирми кои се занимаваат со трговија со мазут и ги истражуваат, но бараат време за одговор за овој конкретен случај. И од обвинителството за сега не одговараат, дали воопшто се заинтересирале за можниот увоз на опасно масло.
КОД уште лани објави дека на Хрватска граница биле запрени камиони кои наводно превезувале мазут, но во тамошната лабораторија откриле дека се работи за токсично масло. Крајната дестинација на стоката била фирмата РКМ на Капушевски. Тој се што беше објавено во КОД демантира, но не се одзва на поканата за интервју.
Билјана Николовска