Сите попишувачи ќе задолжат маски, мантили, очила, калјачи и дезинфекциски средства. Здравствениоте протоколи, утврдени од Заводот за статистика и Комисијата за заразни болести точно предвидуваат како ќе изгледа попишувањето од здравствено-безбедносен аспект.
Попишувачот мора да носи маска КН-95. Веднаш треба да стави на нозете калјачи и да ги дезинфицира рацете. За да се избегне контакт со болни и изолирани граѓани, податоците, по можност, ќе бидат побарани од здрав член на семејството. Анкетата поврзана со имотот ќе трае максимум 15 минути, а со секој член на домаќинството поединечно – најмногу 5 минути. Престојот се сведува на минимум и никој не смее да извади маска, што значи – забрането е пиење кафе, вода или освежителни пијалоци, јадење и пушење цигари и тутун. Одржувањето дистанца е задолжително.
Иако би било добро попишувачите да се стават во приоритетна група за вакцинирање, велат од Заводот за статистика, тоа ќе биде тешко изводливо од временски аспект. Попишувачите ќе бидат бирани дури наредната недела, откако ќе заврши пријавувањето на огласот објавен вчера. За ден и пол, пријавени се 2 илјади 300 кандидати, речиси половина од потребните 5 илјади.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека до крајот на неделата очекуваат потписи за поништување на Законот за попис од 100 илјади граѓани и дека ова е соодветна реакција за еден хибриден режим.
Пописот почнува во понеделник. 30-тина вработени во Статистика ќе ги попишуваат вработените во Армијата и во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, како и затворените и бездомните лица. Почнува и самопопишувањето на македонските државјани на привремена работа или престој во странство преку посебна веб апликација.
Соња Николовска