Македонија Најважни

Хронологија на бегалската драма на Сашо Мијалков (видео)

Вкучен лустер на првиот кат во неговата куќа под Панорама на Водно пред која стојат вооружени полицајци од интервентна, луксузниот мерцедес со кој се возел паркиран во полициска станица, хотелот во негова сопственост каде е последен пат виден под полициска присмотра. Но Сашо Мијалков никаде го нема, не знаат каде е ниту полицијата ниту судот ниту обвинителството. Попладнево неговата слика повторно се појави на сајтот на МВР, но не во делот за функционери каде што му стоеше десет години туку во делот за избегани криминалци со меѓународна потерница.

Телма направи хронологија како се одвивалата уште една голема бегалска драма во македонското правосудство.

Во петокот навечер беа сослушани завршните зборови на обвинетите во случајот за масовно прислушување „Тврдина Таргет“. Мијалков не прозборе, но неговите адвокати тврдеа дека не прислушувал противзаконски како директор на УБК. Обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов не побараа притвор, а на Мијалков му важеа мерките на претпазливост: јавување во суд еднаш неделно и одземен пасош. Во саботата во текот на денот, непотврдени сознанија за ризик од бегство на Мијалков се дознаени од обвинител кој веднаш го известува МВР.

Доцна вечерта во сабота, од МВР стигаат повратни информации за потврден ризик за бегство на Мијалков и од обвинителството и до надлежните обвинители на случајот.

Во недела претпладне обвинители држат состанок за барање за притвор, бараат дополнителни информации од судот точно напладнае и во 14:30 часот го испраќаат официјалното барање за затворски притвор за Мијалков.

Во тие моменти, поранешниот директор е во барот „Дистрикт“, дел од хотелот „Мериот“ на неговата маса. Седи таму со Ивица Коневски, а потоа околу 15 часот го напушта хотелот во центарот на Скопје и заминува во куќата на Водно. Полициски извори за Телма тврдат дека тој влегол во куќата. Додека Мијалков патувал кон Панорама, судот го добил барањето и бил предаден на кривичниот совет.

Последното појавување на Мијалков се совпаѓа со почеток на судската постапка. Судиите Огнен Ставрев, кој е дел од судските процеси „Монструм“, „Титаник“ и „ТНТ“, Илија Трпков кој им суди на организаторите за 27-ми април и Васка Николовска Масевска која го судеше „Рекет“ како членови на кривичниот совет одлучуваат истиот ден и по три и пол часа е однесена одлука. Наместо притвор во Шутка, судиите носат решение за куќен притвор со 24-часовен електронски и видео надзор.

Во 18:30 часот го предаваат на МВР решението за да биде врачено, а 15 минути подоцна информацијата е доставена до обвинителството. Сашо Мијалков не е најден дома. Го бараат во „Мериот“, го нема ни таму. На неговата адреса во Капиштец, полицијата го обива станот во кој е неговиот брат Влатко Мијалков. Истрагата без резултати продолжува цела ноќ и целиот денешен ден.

Полицајците ги претресуваа и проверуваа сите автомобили кои влегуваат и излегуваат од подземната гаража на „Мериот“. Секој гепек беше отворен. Без резултати. Во полициската станица беше собрано семејството на бегалецот, брат му Влатко Мијалков беше околу 3 часа, таму беше повикан и синот на избеганиот обвинет Јордан Мијалков, а со луксузниот автомобил и уште неколку возила беа донесени и возачот и обезбедувањето на Сашо Мијалков. Новинарите ги чекаа во дворот, но Влатко Мијалков избега од другиот влез на станицата каде се сообраќајни вештачења. Немаше детали дали некој дознал за планот зе бегство и како избеганиот бегал.

Антонио Апостолски, еден од адвокатите на Мијалков, за Телма потврди дека веќе поднел жалба на мерката куќен притвор. Апостолски вели дека мерката е незкаонита со образложение дека не може да се определи потешка мерка за обезбедување, притвор или куќен притвор без да се повика во судот и да му се предочи за да може обвинетиот да се произнесе. Адвокатот вели дека последен пат контактирал со клинетот (Мијалков) на 17-ти февруари телефонски.

Жалба поднесе и обвинителството кое бара притвор во Шутка, а не домашен во палатата на Водно. Но, Мијалков е во бегство, а обвинителството веќе отвори истрага за бегството, бидејќи се сомнева дека најверојатно бегањето на екс директорот било откако тој слушнал за активностите на обвинителството и судот.

Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија, стои во соопштението од обвинителството.

Во меѓувреме попладнево полицијата и официјално доби судска потврда за распишана меѓународна потерница по првообвинетиот за масовното незаконско прислушување додека Мијалков беше директор на тајната полиција УБК.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пендаровски поразен во Центар, Карпош и Кисела Вода, единствено води во Крушево и Маврово и Ростуша

Дејан Дејан

ДИК по обработени 99%: Предност од 182.386 гласови на Силјановска пред Пендаровски

Дејан Дејан

Резултати од прв изборен круг: Силјановска и Пендаровски во втор круг

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе