Во новото законско решение ќе има мерка за затварање на субјектот кој што работи во недела, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во гостувањето на Топ Тема. Таа вели дека во драфт верзијата на Законот за работни односи, во Членот 134 точно се регулира недела како ден за неделен одмор, а таму се предвидуваат и мерките и прекршочните санкции, согласно Законот за прекршоци.
Кога на една компанија ќе и забраните да работи 15 дена, и кога дополнително имате и прекршочни санкции претворени во парична казна, мислам дека на некој начин ќе биде опомена за следен пат да не се впуштаат во такво кршење на законот и да не ги почитуваат работничките права. И во колективниот договор и во досегашниот закон во Членот 106 се предвидени надоместоците на плата за работа во дежурства, ноќна работа, прекувремена работа и вклучително и ден на работа во неделен одмор, рече таа.
Шахпаска додаде и дека изминатиов период инспекторатот бил поприсутен на терен.
Ние имаме сознанија за кршењето на работничките права, нивното постапување, санкционирање на работодавачите кои што ги кршат и во преговорите кои ги водиме, сведоци сме дека и работодавачите се свесни дека овој паричен надомест и дополнителниот слободен ден во текот на неделата, треба да им се даде на работниците, рече Шахпаска.
На прашањето како ќе ги натераат работодавачите да го почитуваат новиот закон ако и досегашниот не се почитувал, Шахпаска вели дека немаат друга алатка освен присуството на инспекторатот на терен, санкциите и преземањето мерки за оваа појава да биде отстранета. Министерката смета дека утврдувањето на дејностите кои ќе работат во недела го намалува и обемот на работа на инспекторатот, затоа што станува збор за само 30 проценти од дејностите кои влегуваат во исклучоците.