Поради неправилности во работењето, утврдени со вонреден инспекциски надзор, Министерството за култура го разреши Сашо Ристовски од функцијата директор на театарот Комедија. Во соопштението од министерството велат дека тој направил поголеми трошоци отколу што може да се покријат со одобрените сретства за проектите, од последните три години и дека не обезбедил други финансиски извори. Со тоа е направена повреда на Законот за култура, велат од овој ресор.
При надзорот е утврдено дека директорот на театарот презел обврски над одобрените сретства од Министерството за култура , во вкупен износ од 8 734 486 денари, без притоа истите да ги обезбеди од други извори. Со тоа е сторена повреда на член 70, став 4 од Законот за култура.
Законски сега подмирувањето на долговите паѓа на терет на театарот Комедија, објаснуваат од Култура. Иако се обидовме, не добивме одговор од разрешениот директор на Комедија, Ристовски , кој остана недостапен на нашите телефонски повици и пораки.
Вонредниот инспекциски надзор од министерството во Комедија беше спроведен пред крајот на минатата година. Тој следеше по реакцијата на режисерот Синиша Ефтимов дека по одложувањата лани, на премиерата на претставата „ Си беше еднаш“, поради пандемијата, директорот Ристовски барал ново пролонгирање за октомври , со образложение дека уште се чекаат сретства за претставата од ресорот Култура. Но, како што ни изјави режисерот , тој добил изненадувачки одговор од надлежните дека 80% од парите биле префрлени на сметката на театарот во јуни. Ристовски рече дека се работи за недоразбирање и дека го исплатил првиот дел од хонорарот на Ефтимов. А, од министерството информираа дека за таа претстава префрлиле 1 милион и 100 илјади денари и дека на директорот не му била прифатена одржаната затворена премиера на претставата и дека ќе мора таа да се одржи со публика, што сеуште не е направено.
Сашо Ристовски беше назначен за в.д. директор на Комедија во 2017, а последниве 2 години беше директор на театарот. Заради непречено функционирање во новите околности , до изборот на нов директор , за в.д. директор е назначена Нора Шакири Марковиќ, вработена во маркетинг секторот на оваа установа, дополнуваат од Министерството за култура.
Сотир Трајков
