Хаос на протестите во Москва. Десетици илјади луѓе излегоа на московските улици и масовно бараа да се ослободи главниот опозиционер Алексеј Навални. Суровиот студ, а ниту ковидот не ги спречи да го наполнат Плоштадот Пушкин. Се судрија со полицијата, која безмилосно тепаше и старо и младо. Во најголем дел излегоа младите – бараат слобода за Навални и крај за актуелната власт.
Заедно сме посилни. Време е за промена. Не плашете се да излезете. Заедно моежеме. Излезете! Сами гледате што се случува. Одете под московската обиколница, луѓето преживуваат со 10.000 рубљи (132 долари)
Дојдов тука не само за Навални, туку и за себе, за мојата иднина и за слободна иднина на Русија каде луѓето сами ќе си ја одредат иднината наместо банда од крадци и убијци.
Излегоа и повозрасните. Но, во помал број. Велат дека се плашат.
Минусните температури не ги спречија луѓето да протестираат во 60 градови низ земјата. Ја газеа и палеа фотографијата на Путин, и тука беше документирана полициската бруталност додека ги апсеа.
Навални, беше уапсен веднаш откако слета од Берлин во Москва. Но, она што можеби ги извади надвор денеска и неопределените е двочасовното видео кое тимот на Навални го објави во вторникот, ден откако на Навални му беше одреден 30-дневен притвор. Истражувачкиот тим на Навални ја прикажува Палатата на Путин – огромен имот на брегот на Црното Море. Градба, за која обвинуваат дека била финансирана од детална шема на корупција од најблиските соработници на Путин.
Без претерување, ова е најтајниот и наобезбедениот објект во Русија. Не е викендичка или резиденција – тоа е цел град, или кралство. Има непробојна ограда, се наоѓа на пристаниште, има обезбедување, цркви, сопствен контролен пункт, зона за нелетање, па дури и гранична контрола. Тоа е посебна држава внатре во Русија, објаснува на видеото навални.
Според проценките, имотот чини 1,3 милијарди американски долари. Од Кремљ ги негираа обвинувањата како неточни. На Навални му е одреден притвор и се соочува со долгогодишна затворска казна бидејќи ја прекршил условната казна, додека лежеше пет месеци во болница во Берлин откако беше отруен со новичок за што тој ги обвини руските власти, а поддршка му даде цела Европа. На денешните, најмасовни протести за негова поддршка се уапсени над две илјади луѓе, меѓу нив блиските соработници и неговта сопруга Јулија Навалнаја.
Алиса Шутиноска
