- На местото на дивоградбата кај ТЦ Мавровка, која беше срушена во септември, повторно нешто се гради. Иако е поставена заштитна мрежа, забележавме дека внатре се поставуваат метални профили, на местото на поранешните столбови од армиран бетон кои и служеа на дивоградбата, која изникна по пожарот на кафулето „ Фонтана“.
Неколкумина градежни работници ги мерат поставените метални профили. На ваква слика наидовме денеска кај „Мавровка“, на местото на срушената дивоградба. Од Општина Чаир, која е надлежна за овој дел од центарот на градот, велат дека сега сопственикот гради согласно првичниот проект и дека се работи под надзор на општинските инспектори за градежништво.
Се работи за враќање на објектот на кафулето Фонтана во првобитна состојба. Општинските инспектори внимателно ја следат ситуацијата. Се работи за подигање лесна конструкција , каква што беше порано, велат од општина Чаир.
А, од Државниот инспекторат за градежништво велат дека инвеститорот нема законска обврска да ги извести за новите зафати, зашто станува збор за градба од втора категорија, во надлежност на Општина Чаир.
Бура од реакции во јавноста минатата година предизвика дивоградбата кај ТЦ Мавровка. Заради бесправно градење сопственикот Мевљудин Алити заработи кривична пријава од МВР. Беше известено и Јавното обвинителство кое покрена истражна постапка, за која сега велат дека е при крај.
Во завршна фаза е истражната постапка , која се води против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело-бесправно градење, според член 244-а, став -1 од Кривичниот законик, соопштија од Јавно Обвинителство
Претходно , надлежните институции се правдаа дека не можат да откријат, кој е инвеститор на објектот, за да му достават решение за уривање. Дивоградбата започна да се гради по пожарот на кафулето „ Фонтана“, лани на 1 мај. Но, „Код“ објави информација дека полицијата открила снимки од безбедносни камери од околината, на кои се гледа како едно лице подметнува пожар. Од Обвинителството додаваат дека и таа истрага сеуште не е завршена и дека чекаат извештај од МВР, за причините за пожарот. Веднаш по формирањето на актуелната Влада, премиерот Заев најави дека дивоградбата ќе биде урната. Одлуката беше донесена на првата владина седница, со механизација на „Македонија пат“. Тогаш се појави сопственикот Мевљудин Алити кој рече дека имал одобрение за обнова на угостителскиот објект.
Сотир Трајков
