Вести Македонија

Обвинител „киднал“ со оставка, а криел предмети – Јовески вели немало кривично дело во неговите постапки и најавува поголема борба против несовесните обвинители  

Од пред новогодишната елка и канцелариската библиотека, државниот обвинител Љубомир Јовевски оцени дека како и за сите така и за обвинителството годината била тешка, а потврди дека има 5 дисциплински постапки за обвинител, додека обвинител во Скопје си дал оставка откако е откриено дека криел предмети во фиока.

Бегалецот-обвинител  нема да одговара кривично, а ја „киднал“ од кружната зграда кога е отворена постапка за несоодветно постапување.

Во прочистувањето на правосудството, обвинителството влегува со нов адекватен правилник за одговорност за обвинителите. Се што е во рамките на законот е прифатливо, е краткиот коментар на Јовевски за уште една судско-реформска офанзива на овој владин состав откако претходните не дадоа резултати.

Со новиот правилник ќе се врши индивидуално оценување на квалитетот и квантитетот на обвинителската работа, дали имаат доволно предмети и дали постапуваат законски и неселективно.

Посебен осврт државниот обвинител направи за предметите на СЈО, уште еднаш потврди дека вештачењето за обемниот случај Империја е во тек, а предметите по преземањето ги водат истите обвинители, но сега без бомбите како докази туку само како индиции.

За повлечените предмети  и затворените истраги на СЈО меѓу кои најзвучен по составот осомничени беше Попис со Али Ахмети и Никола Груевски, или бришењето на Бујар Османи од истрага за набавки во здравство, обвинителот тврди дека одлуките се донесени врз основа на докази, а не поради високите функции.

Непристрасна и квалитетна работа, Јовевски ветува дека ќе продолжи и догодина, во која очекува поголема финансиска инекција за подобри услови за да се гони криминалот.

На колегите со кои се виде од истото место им порача дека мора да одговорат соодветно на предизвиците какви што донесе оваа тешка корона година, и ги повика да бидат одговорни, професионални и транспарентни за да го победат дел од незадоволството на граѓаните.

Миомир Серафиновиќ

Обвинителството издаде и соопштение по брифингот на државниот обвинител со новинарите во кое се наведува:

Јовески посочи дека 2020 е тешка година за сите, а беше исполнета и со многу предизвици за јавните обвинители бидејќи нивната работа бара постојан  континуитет, целосна посветеност, лична директна комуникација со многу луѓе.

„Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. Обврзани сме со рокови во преземањето на нашите дејствија, на целосно прибирање на материјални и вербални докази за да имаме издржани обвиненија. И во услови на пандемија, со поинаква организација на работата,  обезбедивме непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи“, рече јавниот обвинител Јовески.

Во оваа година  обвинителствата постапуваа против повеќе од 25.000 полнолетни сторители на кривични дела. Само за време на вонредната состојба  беа поведени и се завршени постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи.

Обинителството, почитувајќи го начелото за презумпција на невиност ги објавува сите информации, за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката. Само во оваа година објавени се 825 соопштенија, што е двојно повеќе од претходната година, а покрај тоа редовно одговаравме на вашите прашања за кои јавноста имаше интерес.

Јавниот обвинител посочи дека со години има недостаток на материјални и човечки ресурси, но истакна дека годинава беа избрани нови 18 јавни обвинители, а во завршна фаза е постапката за вработување на 70 работници на различни работни места од кои повеќето се неопходните јавно-обвинителски стручни соработници. Овие нови вработувања значително ќе ги подобрат капацитетите на јавното обвинителство, но неопходно е и натаму да се засилуваат човечките ресурси во обвинителството.

Во оваа година профункционираа 4 истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните  јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово.

„Во насока на градење систем на отчетност во рамки на јавното обвинителство ја зајакнавме дисциплинската одговорност. Оваа година водевме неколку дисциплински постапки против 5 јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето“, рече Јовески, и посочи дека во втората половина на годинава започна примената на новиот Закон за јавно обвинителство со кој се унапредува организацијата и работењето на обвинителството. Значајно е што се гарантираат 0,4 проценти од Буџетот за работа на обвинителствата. Имајќи ја предвид состојбата во државата предизвикана од пандемијата за 2021 е обезбеден Буџет на јавното обвинителство во висина од 0,2 отсто. Да нагласам дека треба сите да бидеме солидарни и да помогнеме во заложбите за справување со потешкотиите предизвикани од опасниот вирус“, рече Јовески.

„Jавните обвинители постапуваа и превземаа дејствија и по предметите превземени од Специјалното јавно обвинителство, со што во неколку предмети се поднесени обвиненија или други одлуки согласно доказните материјали, а продолжија и со застапување по предметите по кои претходно беа поднесени обвиненија.Јавно сакам да кажам дека обвинителството постапува непристрасно и  неселективно се гонат сторители на кривични дела Обвинителството на овој начин ќе продолжи да работи и следната година“, рече обвинителот Јовески.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, на новинарите им се заблагодари за досегашната соработка, им посака ним и на блиските  добро здравје, успеси и благосостојба и упати апел  за одговорно однесување кон здравствените прописи за да можеме  брзо да се вратиме во редовни услови на живеење.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лидерите на „ВРЕДИ“ на средба со Албин Курти

Дејан Дејан

Променливо облачно со сончеви периоди и локална нестабилност – Временска прогноза за 20.5.2024

Дејан Дејан

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе