Со зголемен број бездомни кучиња се соочуваат сите полошки општини, но само три издвојуваат пари за нивно згрижување. Меѓутоа и тие не се доволни за целосно решавање на проблемот. Потребен е континуиран ангажман и системско решение на ниво на држава велат докторите по ветеринарна медицина.
Само три општини, од вкупно 9 во полошкиот регион издвојуваат средства од годишниот буџет за третирање и згрижување на бездомните кучиња. Но, и тие многу брзо се трошат, поради големиот број на овие животни, па повторно се актуелизира проблемот.
Улиците во Тетово пак се полни со кучиња скитници, откако пред еден месец заврши тендерот за нивно згрижување, а со тоа и предвидените пари за оваа година.
Рами Селмани, од ветеринарната амбуланта која има склучено договор со локалните самоуправи за третман на бездомни кучиња, вели дека потребен е континуиаран ангажман за да има ефект нивната работа, но и истовремено и процесот да се спроведува на ниво на држава.
Селмани вели дека овој месец се ангажирани во Теарце, која е првата рурална општина која започна со третирање на бездомни кучиња, за што издвоила 1 милион и 300 илјади денари. Општина Гостивар за таа намена обезбедила 1 милион и 500 илјади, додека тетовската општина 1 милион денари.
Се претпоставува дека во една општина просечно има по 700 кучиња. За третман на едно потребни се околу 9 000 денари.
Данијела Билбиловска
