Се уште не се знае дали за тринаесет дена децата ќе ја започнат новата учебна година – некои седнати во клупите, а некои пред компјутер.
Сѐ зависи од законските измени и работата на новите пратеници, велат од Министерството за образование и наука. Нацрт-верзиите веќе се изготвени.
Училиштата веќе се информирани што и како ги очекува од следниот месец и се подготвуваат за образовниот процес поразличен од изминатите години. Насоките за наставниците се дека било да е настава со физичко присуство или пред екран, тие знаењето ќе го пренесуваат од своето работно место.
„Наставниците коишто ќе предаваат онлајн ќе бидат присутни на своето работно место заради тоа што нашето училиште, односно училиштата, располагаат со ресурси коишто наставниците треба да ги искористат при реализација на наставата. Ќе се реализира настава според распоредот којшто ќе го направиме во однос на насоките коишто ќе бидат донесени – дали часовите ќе бидат по скратена варијанта од 30 минути, за тоа се уште немаме законско решение“ изјави Анита Ангеловска, директор на основното училиште „Кирил и Методиј“ во Стајковци.
Во училиштето „Кирил и Методиј“во Стајковци направиле план децата од прво до трето одделение да доаѓаат во различни термини и да не се сретнуваат ниту на влез ниту на излез. Топломер и средства за дезинфекција на влезот како и во секоја друга институција во време на пандемија.
И додека во некои училишта во тек се подготовките за училишната година, други се во фаза на распаѓање. Ова е случај во основното училиште „Димитар Македонски“ од каде што анонимни извори ни кажаа дека тие не се „за“ идејата децата воопшто да одат на часови овде.
За Телма кажаа дека освен тоа што нема функционални тоалети, не е ниту безбедно внатре во објектот.
Во дворот се прават градежни работи кои никако да завршат. До старото и дотраено училиште започнато е да се гради ново, кое и по четири години се уште не е изградено, заради некакви судски спорови.
Кога надвор врне, внатре прокапува. Оние кои долги години работат таму велат „се плашиме дека покривот ќе ни се урне на глава“.
Петар Догов