Македонија Топ вести

Пендаровски и Спасовски повикаа на помирување и заедништво

Нашата битка денеска е да обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани во нашата земја, а не надвор од неа. А за тоа мора да има правда и слобода, порача претседателот Стево Пендаровски од Пелинце на чествувањето на Денот на Републиката. Нефункционалната администрација, високата корупција и неефикасното судството не се само пречка за побрзо интегрирање во Европската унија, туку главна пречка да живееме во нормална држава, рече Пендаровски. Тој упати силна порака за расчистување на состојбите во судството.

Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека Обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал. Секоја злоупотреба на функцијата, секој злоупотребен денар од јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу луѓе, рече Пендаровски.

Годинава Илинден го прославуваме со крупен исчекор кон целосна реализација на стратешките цели, полноправно членство во НАТО и почеток на преговорите со Европската унија – рече Пендаровски. Предупреди  – во услови на светска пандемија државата да не влезе во вртлогот на финансиско задолжување и неконтролирано зголемување на јавниот долг. Побара и од новата влада и од опозицијата да го поддржат во неговата заложба за граѓанско помирување.

Партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и на краток и на долг рок.Граѓанското помирување е основен услов за функционирање на едно демократско плурално општество а демократијата е претпоставка за економски развој, рече Пендаровски.

Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби. Принципите на Илинден не се свртени кон минатото туку кон иднината – порача премиерот Оливер Спасовски, од скопската тврдина Кале каде положи свежо цвеќе на споменикот на Слободата.

Го направивме пресвртот што и беше потребен на земјата, се справивме со најмоќните предизвици од пустошот кој го наследивме.Се справуваме и со заканите од пандемијата.Продолжуваме да се бориме и нашата родна грутка земја да ја направиме прекрасно место за живот за да им оставиме на идните генерации капитал кој ќе го развиваат според визијата на нашите предци асномци, рече Спасовски.

Македонија за прв пат 2 август го прославува под посебни здравствени протоколи за заштита од ковид 19. Ббез културно – уметничка програма и масовни народни собири.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе