Како дел од концептот Отворен Балкан веќе еден месец граничниот премин Табановце – Прешево , на македонско- српската граница функционира како заеднички граничен пункт меѓу двете соседни земји што го поминале 133 илјади патнички возила. Реконструираниот премин функционира со 5 ленти. По две за патнички и товарни возила, а една за автобуси. Денеска овој граничен премин го посетија делегации предводени од нашиот и српскиот министер за транспорт и од ЕУ.
Со реконструкцијата на овој граничен премин и воведувањето на овој концепт на работа , намалено е времето на чекање, царински и гранични контроли. Намалени се сите процедури и поедноставени, а поминувањето на границата е забрзано. Имајќи ја предвид инфраструктурната поставеност , Царинската управата во следниот период ќе работи на овозможување на уште 2 нови ленти за уште побрз проток на патниците и на сите други услуги, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
На новинарско прашање дека возачите на камиони се жалат дека долго чекаат за премин, од Царинската управа кажаа дека дневно поминуваат 700 до 800 камиони и дека се бараат алтернативни решенија за уште побрз проток.
Тие секако ќе треба да почекаат, ако не тука, ќе се чека на терминалите. Огромен проток имаме и разгледуваме алтернативни можности за превоз на стоки веќе, вели директорката на Царина Славица Кутиров.
И на Србија и на Македонија целта им е да бидат дел од ЕУ, но интерграцијата во неа значи пред сѐ интеграција со соседите, кажа српскиот министер за транспорт.
Ако ние не направиме вакви граници и ако не направиме едноставни административни процедури ќе ја осудиме нашата економија на стагнација . Ќе ги осудиме нашите работници на ниски плати и многу тешко ќе го достигнеме европското ниво. А, тоа е наша примарна цел, вели српскиот министер Томислав Момировиќ.
Според Матеј Закоњшек од Секретаријатот на Транспортната заедница на ЕУ, овој интегриран граничен премин е најдобар начин за намалување на чекањето и искористување на капацитетите за подобрување на економиите на двете земји.
Сотир Трајков