Успешен ден за Барселона во почетната фаза од летниот преоден рок. Каталонците денеска објавија дека Усман Дембеле конечно ја продолжи соработката, а промовирано е и новото име во составот, Бразилецот Рафиња.
Дваесет и пет годишниот Французин во изминативе две недели имаше статус на слободен играч, но откако не успеа да најде нов клуб, Дембеле реши да го продолжи договорот со 2024 година со плата од седум милиони евра по сезона.
Каталонците го потврдија и трансферот на Рафиња, кој беше поврзуван со можна преселба во Челзи, но сепак тој се реши да замине на Камп Ноу.
Барселона на Лидс ќе му плати обештетување од 58 милиони евра плус 10 милиони во бонуси во зависност од поединечниот и тимскиот учинок.
Рафиња е третото ново име во составот предводен од тренерот Чави откако претходно беа договорени трансферите на Френк Киесие и Андреас Кристенсен кои во Барселона дојдоа како слободни играчи.
