Често кога се зборува за трошоците за загуби во преносната мрежа, се мисли на финансиски загуби, но тоа не се таков вид загуби, туку се загуби на електрична енергија во преносот, изјави во вечерашната Топ Тема, директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани.
Електричната енергија при преносот од точка А до точка Б, на некој начин се губи и тие загуби МЕПСО е должна да ги надомести, односно набави на тендер, бидејќи одредена фирма која купила да речеме 100 мегавати, треба да ги испорача до крајниот потрошувач, таа треба и на влез и на излез да има 100 мегавати, објаснува Муртезани.
Според него, пореметувањата во секторот почнуваат во август минатата година и се со поголем интензитет во октомври и ноември, при што веќе има некоја стабилизација.
„Во последните 4 месеци од 2021-ва, вкупно за загуби МЕПСО има дадено 7,4 милиони евра. Меѓутоа во тој период, загубите беа обезбедени по стара цена. Од јануари навака имајќи предвид дека сите договори треба да се склучат по цена која е актуелна на берзата, само за првите три месеци, трошоци по основ на загуби не електрична енергија во преносната мрежа, МЕПСО има 9,2 милиони евра. Целиот овој пораст на цени и трошоци ќе мора да се надокнади преку зголемување на тарифата.“ – изјави Муртезани.
Во однос на трошоците кои се нанесени на МЕПСО, заради долговите на трговците со струја, кои влечеа од мрежата на МЕПСО заради сопствените загуби
Муртезани објаснува дека МЕПСО на дневна основа гледа колку учесниците на пазарот купуваат електрична енергија, односно колку има планирана потрошувачка, но не и колку е остварената потрошувачка, особено на потрошувачите кои се приклучени на дистрибутивната мрежа, на мрежата на ЕВН.
„Тие податоци МЕПСО ги добива 60 дена откако ќе биде настаната штетата. Ние веќе со регулаторот сме иницирале промена на пазарните правила, каде што бараме балансно одговорните страни, да ни достават и список на нивните потрошувачи, за да може ние да ги следиме колку купуваат енергија и колку влечат. И во случај да гледаме дека се влече, односно се троши повеќе енергија од колку што е купена, да може на време да интервенираме“ – порача Муртезани.
Тој објаснува дека во тек се разговорите со Регулаторната комисија за енергетика и дека имаат одлична соработка и заеднички ќе мора да се најде решение.
Во однос на штетите, генералниот директор на МЕПСО подвлече дека јавноста знае дека тие досега исклучиле од пазарот три компании, чии сметки се блокирани и почнати се судски процедурии.
Сепак додадава дека за жал сите тие компании се друштва со ограничена одговорност со 5000 евра основачки капитал.
„Тие се многу тешко наплатливи побарувања и само по тој основ имаме околу 15 милиони евра. И второ, по основ на репрограмирани долгови, има околу 8 милиони евра и повеќето од компаниите веќе ја пребродуваат кризата и редовно ги сервисираат ратите“ – вели Муртезани.
