Македонија нема да се соочи со недостиг од природен гас. Смирувачките изјави, кои доаѓаат по прекинот на снабдувањето со гас од Украина, се базирани на информациите дека нашата држава не се снабдува од гасоводот што поминува низ таа земја.
Кон крајот на април, Русија го сопре гасот за Бугарија, од каде што државата го добива овој енергенс, но нашата Влада добила уверување од бугарските колеги дека испораката за регионот, конкретно за Македонија и за Србија – ќе продолжи.
Бугарската Влада соопшти дека постигнала договор за испорака на течен природен гас од САД по цени пониски од оние што ги нуди руски Гаспром. Испораките треба да почнат во јуни, согласно договорот што го постигна бугарскиот премиер Петков со американската потпретседателка Камала Харис. Тој посочил дека партнерството меѓу Софија и Вашингтон е важен дел од постигнувањето гасна независност на Бугарија.
Минатата недела во Софија се собраа министрите за економија од регионот и пошироко, барајќи заеднички начин за намалување на зависноста од рускиот гас. Состојбата стана критична откако Русија побара плаќање во рубљи. Од Гаспром денеска потврдуваат дека дневните количини на руски гас нарачани од европските купувачи паднале на 72 милиони кубни метри, по вчерашните побарувања од 95,8 милиони кубни метри.
Соња Николовска
