Вести Економија Најважни Свет

Бугарија се заканила со вето на Европскиот план за нафтено ембарго кон Русија

Предлогот на официјален Брисел за постепено ембарго на увозот на Руската нафта создава остри поделби во Европската Унија, при што Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, го спореди планот со економска атомска бомба а бугарските медиуми најавија дека официјална Софија се заканила и со вето, доколку нашиот источен сосед, не биде ставен на листата земји за кои воведувањето на ембаргото ќе биде одложено, покрај Унгарија, Словачка и Чешка. Хрватска пак, неофицијално побарала изземање на одредени суровини за нејзините рафинерии од планот за ембаргото.

Овие три земји, како најмногу зависни од Руската нафта, која ја добиваат директно од гасоводот Пријателство, досега беа најскептични во поглед на амбициозниот план на Европската Комисија дека забраната на увозот на сировата нафта би стапила на сила во наредните 6 месеци, додека на рафинираните нафтени деривати до крајот на годината.

Тие сметаат дека Европското ембарго би ги оставило без енергенси и би предизвикало економски хаос.

Последниот предлог за компромис сугерира дека Унгарија и Словачка би имале можност постепеното откажување од руската нафта да го завршат до крајот на 2024-тата година, две години подоцна од првичниот предлог, додека исклучокот за Чешка би траел до Јуни 24-тата година, додека земјата не се приклучи на Трансатлантскиот гасовод, кој денеска ги поврзува Италија, Австрија и Германија.

Но сега и Бугарија бара да биде додадена на листа земји која би била изземана од ембаргото за Руската нафта, пренесуваат медиумите во Софија, заканувајќи се со употреба на ветото доколку тоа не биде прифатено.

„Во оваа форма, предлогот на ЕК би претставувал атомска бомба врз Унгарската економија“ – изјави утринава во интервју за едно унгарско радио, Виктор Орбан, додавајќи дека на неговата земја би и биле потребни 4 до 5 години за да стане целосно независна од Руската нафта. Тој подвлече дека додека некои членки на Унијата може да донесат сирова нафта преку своите пристанишна, Унгарија како  копнена земја, нема таква алтернатива.

Реагирајќи на коментарот на Орбан, портпаролот на ЕК, оцени дека Брисел целосно ја разбира специфичната ситуација во која се наоѓаат одредени земји членки, заради својата географија и зависноста од Руските нафта и гас.

Санкциите се софистицирана алатка, која како што отсекогаш кажувавме, треба да осигура дека може да нанесеме максимална болка на Кремљ и нивната способност да ја финансираат својата воена машина, додека истовремено ќе ги минимизираме последиците врз Европската Унија и остатокот од светот, изјави портпаролката на ЕК Ерика Мамер.

Истовремено, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Хозеп Борел, изјави дека доколку не биде бргу постигнат договор за ембаргото, наредната недела ќе закаже состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки.

Ембаргото на Руската нафта се смета за најрадикалната мерката на ЕУ како одговор на руската инвазија на Украина.

Европската унија е најголемиот клиент на рускиот нафтен извоз и купува околу 3,5 милиони барели сирова нафта и рафинирани производи дневно, за што минатата година биле потрошени повеќе од 70 милијарди евра.

Доколку биде постигната согласност за ембаргото и исклучоците од него, ова ќе биде прв пат по почетокот на руската инвазија врз Украина, дека одредени Европски санкции нема да важат истовремено за сите земји членки. Сепак, економската тежина на трите земји за кои би важел исклучокот, па евентуално и проширувањето со Бугарија, би бил ограничен, во споредба со најголемите купувачи на Руската нафта – Германија и Холандија.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе