Стрелецот Александар Трајковски има многу подобар голгетерски скор во црвено-жолтиот дрес отколку во клубовите каде што настапувал. Вчерашниот во Палермо му беше 75-ти натпревар за репрезентацијата, а покрај тоа сам се потруди да си прослави уште еден јубилеј- го постигна 20-тиот погодок за „Рисовите“.
-Никогаш не е убаво да потцените противник, но искрено сакам да не потценат па да им покажеме дека згрешиле, изјави два дена пред историскиот гол, Трајковски за сајтот на фудбалската федерација на Македонија.
29-годишниот драчевчанец настапувал во 8 клубови ширум Европа, а сега се пресели професионално и на втор континент, во Азија каде настапува за Ал Фаиха.
Досега има одиграно вкупно 298 клубски натпревари, од кои 271 биле официјални натпревари во првенство или во националниот куп. Постигнал 39 голови во официјалните натпревари, а има уште 5 погодоци во пријателски мечеви.
Најмногу натпревари има одиграно во градот каде вчера повтопрно блесна, за Палермо има одиграно вкупно 113 натпревари и постигнато 20 голови. На стадионот кој му беше дом цели 4 години, Трајковски вчера го израмни скорот во постигнати погодоци и за националниот дрес со впечатливиот шут во 92-рата минута.
-Кога слушнав дека ќе играме во Палермо затоа што поминав прекрасни 4 години во тој клуб и во тој град. Сега ми пишуваат постојано моите пријатели оттаму и ме чекаат да се вратам после долго време. И сме многу среќни што се игра таму, и јас сум среќен што ми се пружа шанса да се вратам таму за да играме натпревар против Италија и се надевам дека ќе го победиме, беше оптимист Трајковски во изјавата пред три дена.

Пред да стигне во Палермо на Сицилија, Трајковски ја почнува кариерата во втората македонска лига за Цементарница во 2009-тата година. Успева да премине во Хрватска во Интер Запрешиќ и за една сезона, тогаш 19-годишниот македонски напаѓач ги предизвикува загребски Динамо и два белгиски клуба да се борат за да го ангажираат.
Белгискиот клуб Зулте Варегем потпишува со него во 2011-та и за него настапува 4 сезони, а во 96 натпревари постигнува 13 голови. Една година настапува за Мехелен, а потоа се сели на југот на Италија, во Палермо.
Вчера при загревањето, Трајковски доби аплаузи од домашните навивачи кои се уште ги паметат и неговите настапи, но и верноста на клубот затоа што остана во Палермо и кога тимот испадна во втората лига. Откако клубот Палермо згасна поради долгови и админитстративни проблеми, како нов фудбалски тим со исто име, се врати во италинаксиот фудбал од најниско лигашко ниво, Трајковски замина на друг остров, но во Шпанија.
За Мајорка настапуваше од 2019-та до 2021-ва, и во Примера и во втората шпанска лига, а на 28 меча постигна 1 гол во Купот на кралот. На почетокот на ланската сезона беше позајмен на Алборг во Данска, но додека беше стандарден во квалификациите и беше дел од експедицијата на Македонија на Европското првенство лани, за данскиот тим одигра само 7 натпревари и даде еден гол.
Во 2021-ва му беше најуспешната репрезентативна година, одигра 14 натпревари и постигна 4 гола. Оваа сезона се пресели во Арабија во тимот Ал Фаиха.
За Македонија, Трајковски дебитираше во август 2011-та, против Азербејџан, а црвено-жолтиот дрес го задолжи пред да наполни 19 години. Првиот гол го постигна во пријателски натпревар против Бугарија на 14-ти август 2013-та година. По првиот на Бугарија, вчерашниот му е 20-ти погодок и најзначаен досега.
На Италијанците и на нивниот голман Донарума, Трајковски им упати двапати шут во рамките на голот. Вториот беше решавачки и го отвори патот на репрезентацијата кон Португалија и кон Катар.
