Изложба на тема пандемија , од визуелната уметница и професор Јана Манева – Чупоска, утре (22.10), во 19 часот ќе биде отворена во Националниот музеј на Војводина, во Нови Сад . Изложбата се состои од четириесет дела, цртежи и колажи, изработени во комбинирана техника, со молив, јаглен, акрил и темпера.
Изложбата е насловена „ Љубовници во пандемија“. Инспирацијата за неа Манева- Чупоска ја црпи од актуелната состојба со пандемијата на корона вирусот, што во негативна насока целосно го промени начинот на живот кај луѓето. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потреба за враќање на животот во нормална состојба.
Преку фигуративните композициски ликовни претстави, Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, нагласувајќи ја љубовта како ликовен симбол, кој во овие дела дава надеж дека таа сепак ќе го спаси човештвото.
Изложбата минатата година беше поставена во Националниот музеј во Херсон – Украина.