Вести Македонија

Пелагониските сточари на протест, бараат исплата на субвенциите и повисоки откупни цени

Незадоволни од ниската откупна цена на млекото, несигурниот пласман и неисплатените субвенции, пелагониските сточари денеска излегоа на протест. Бараат итна исплата на заостанатата државна помош, а во исто време, со идентични барања, протестираа и сточарите од источниот регион.

„Откупната цена е од 24 до 26 денари и никој не знае дали утре млекото ќе биде преземено. Беше 32 денари, а за неполни шест месеци го намалија за шест до осум денари“, вели Тони Петковски, сточар.

„Државата увезува млеко во прав, а нашето млеко не се откупува. Нашето квалитетно млеко стои, а се увезува прашок. Нека знаат граѓаните што купуваат во маркетите“, вели Васе Ѕвездакоска, сточарка.

Нема организиран откуп на козјото млеко и на јарињата, поради што голем дел од производството останува непродадено, а козарите и овчарите веќе ја продаваат стоката.

„Јас како млад козар две години немам добиено субвенции. Нема откуп ниту за јарињата, ниту за козјото млеко. Педесет јариња одгледувам и ги хранам, никој не ги зема“, вели Албион Салиевски, козар.

Поддршка на протестот дадоа и полјоделците кои предупредуваат дека жетвата е на прагот, а сè уште нема утврдена откупна цена на пченицата, ниту обезбеден пласман.

„Пченицата ќе се жнее, а не знаеме каде ќе ја предадеме. Нема цена, нема откупувачи и затоа бараме интервентна поддршка за производителите“, рече Миле Ќебакоски, земјоделец. 

Земјоделците тврдат дека по различни основи државата им должи околу 70 милиони евра за субвенции и бараат заостанатите обврски да бидат исплатени во најкус можен рок. Во спротивно, најавуваат дека за две недели ќе ги радикализираат протестите со блокади на патиштата.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Државата во јуни позајми над 50 милиони евра од домашниот пазар

Дејан Дејан

Се пролонгира одењето во затвор за Стевче Јакимовски – судот ја „чешла“ неговата медицинска документација

Sasko Dimovski

Околу 150 телефонски разговори меѓу обвинетите во ИПАРД на следното рочшите – денешното се одложи, на обвинет му се слошило во притвор

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе