Вести Македонија

Пораките од Брисел се јасни: без уставни измени, земјата може многу малку да искористи од новите иницијативи

Иднината на проширувањето на Европската Унија и позицијата на Македонија во овој процес беа во фокусот на дебатата во „Топ Тема“ со д-р Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ, и проф. д-р Силвана Мојсовска од Економскиот институт при УКИМ.

Двете соговорнички се согласија дека процесот на проширување е под силен геополитички притисок, но и дека Македонија се соочува со специфични политички пречки кои го засенуваат техничкиот напредок.

Д-р Симонида Кацарска појасни дека актуелната динамика со разни „нон-пејпери“ е резултат на притисокот за решавање на статусот на Украина. Таа потсети дека првичниот предлог на Европската комисија за „реверзибилно членство“ беше одбиен од државите членки, по што тие беа повикани сами да понудат решенија.

  • „Усогласувањето на Франција и Германија е секогаш клучно за тоа како ќе се движи Унијата. Нивниот заеднички нон-пејпер, заедно со оној на земјите од Бенелукс кој инсистира на владеење на правото, се основа за стратешката рефлексија што ја очекуваме во октомври,“ истакна Кацарска.

Таа додаде дека Комисијата е под притисок да испорача „успешна приказна“, при што Црна Гора и Албанија се во најповолна позиција. „Црна Гора веќе се движи кон затворање на поглавјата, што создава дополнителен притисок врз земјите членки да го исполнат ветеното членство,“ вели Кацарска.

Проф. д-р Силвана Мојсовска се осврна на македонската перспектива, нагласувајќи дека пораките од Брисел се јасни: без уставни измени, земјата може многу малку да искористи од новите иницијативи.

„Француско-германскиот нон-пејпер нуди одредена пристапност до контакти и институции само со аплицирање за членство, но сè друго е цврсто врзано со веќе отворени преговори и затворање на кластери. Тука е нашиот главен предизвик,“ објаснува Мојсовска.

Таа направи остра дистинкција помеѓу оперативниот (технички) и политичкиот процес. Според неа, Македонија технички е многу напредна со усогласено законодавство, но политичката димензија е таа каде што се носат клучните одлуки за кандидатски статус и отворање поглавја.

„Европската Унија во моментов има внатрешен проблем – прашањето на проширувањето се претвора во проблем на управување внатре во самата Унија. Иако Украина и Молдавија се чини дека се на ‘експресен пат’, останува прашањето како Унијата ќе ги разреши внатрешните притисоци пред следните изборни циклуси, особено во Франција,“ заклучи Мојсовска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нормализиран сообраќајот на Плетвар по тешката сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице

Igor Trajkov

Мојсовска: Досегашниот модел на проширување на ЕУ е неодржлив, потребен е нов пристап преку „прогресивно набљудување“ и влез во заедничкиот пазар

Дејан Дејан

Кацарска: ЕУ е под притисок да го редефинира проширувањето – Црна Гора и Албанија во фокусот на новите дипломатски иницијативи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе