Собранието денеска расправа за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од Левица поради наводи за селективно постапување, непрофесионално работење и политичко влијание во МВР.
Апасиев оцени дека Тошковски, кој повеќе од две години е на чело на Министерството за внатрешни работи, наместо да воведе ред во институцијата, ја претворил во „фамилијарна тезга“ во која роднини и блиски лица добивале унапредувања и привилегии.
„Во СВР Велес првите братучеди си ги унапредивте, баџанакот стана доцент на Факултетот за безбедност, а најдобрите студенти остануваат без шанса. После се чудите зошто младите бегаат од државата“, рече Апасиев.
Апасиев го обвини министерот и за толерирање на корупцијата и криминалот во полициските редови, посочувајќи дека во последните години стотици полицајци биле предмет на кривични постапки.
„Имаме над 12.000 вработени во МВР, а училиштата, градинките, болниците, музеите и државните институции ги чуваат приватни агенции. Над 300 милиони евра завршиле кај приватното обезбедување, додека полицајците работат со недоволна опрема и ресурси“, рече Апасиев.
Тошковски ги отфрла обвинувањата и тврди дека станува збор за политички мотивиран обид да се попречи борбата против криминалот и корупцијата.
