Вести Македонија Топ вести

До каде се ветените средства за споменикот на 63-те загинати – прашање на родителите од Здружението „16 март“

Една година од одлуката за спомен-обележјето, време е за одговори, велат од кочанското Здружение „16 март“ на родители и блиски на загинатите во трагедијата во „Пулс“.

Родителите потсетуваат дека уште лани во јуни во Собранието бил прифатен амандманот поднесен од пратеникот Миле Лефков, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, со кој беа обезбедени два милиона денари како првични средства за идејно решение и отпочнување активности за спомен-обележје во чест на младите кои ги загубија животите во трагедијата во „Пулс“.

Во самото образложение беше наведено дека барањето е координирано со родителите на настраданите, а амандманот беше прифатен и изгласан.

На денешниот ден, пред една година, на 23.06.2025, истата одлука е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 126, како Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2025 година.

„На средбата со министерот за култура и туризам ни беше кажано дека средствата предвидени минатата година биле искористени за други намени, но дека во текот на оваа година ќе се направи нова прераспределба за реализација на спомен-обележјето“, велат од Здружението и наведуваат дека во поткаст, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, изјавил дека оваа година повторно преку прераспределба се влезени во буџет за 2026 и обезбедени два милиона денари за спомен-обележјето.

Во ФБ статусот е наведено дека Љутков навел дека според сознанијата со кои располага Министерството веќе се работи на основниот проект и дека средствата би се реализирале преку Општина Кочани кон инвеститорот – Здружение на граѓани „16 Март 2025 – Кочани“.

-Овие јавно достапни информации, заедно со информациите добиени на средбата на министерот со родитлите, се основата за поставување на следните прашања:

– Дали најавената прераспределба за оваа година веќе е донесена и каде е јавно објавена?

– Дали постои формален акт за пренос или определување на средствата за оваа намена?

– Кога средствата ќе бидат ставени на располагање за реализација ?

– Кога средствата би биле префрлени до инвеститорот и под кои услови?

– Дали одлуките донесени во Собранието и објавени во Службен весник остануваат само на хартија или треба да добијат реализација?

– И конечно — дали меморијал од вакво значење требаше да биде целосно инициран, поддржан и реализиран институционално од Република Северна Македонија, наместо семејствата паралелно да бараат дополнителни начини за обезбедување средства преку донации?, велат од Здружението.

Тие потсетуваат дека спомен-обележјето не е само проект туку и место на сеќавање, достоинство и траен однос кон 63 прекинати животи.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ацевски: Долгот на ПИОМ кон ФЗО е 136,4 милиони евра, но нема простор за грижа за давањето на здравствени услуги за осигурениците

Sasko Dimovski

Термоцентралите на Западен Балкан загадуваат 6,6 пати над дозволените граници – извештај на мрежата „Бенквоч нетворк“

Sasko Dimovski

Прифатени седум од 105 поднесени амандмани за Предлог на законот за судска служба

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе