Додека Владата очекува позитивна оценка од Европската комисија за спроведувањето на Реформската агенда, опозицијата обвинува дека европскиот пат на државата е во застој. Премиерот Мицкоски вели дека најголем дел од законските решенија се веќе во собраниска процедура и останува да се финализира Изборниот законик.
„Останува уште Изборниот законик. Информиран сум дека се ближиме до конечно решение, така што, јас колку што знам на 26 јуни е закажана собраниска седница. Ќе има ден, два, три за фино нивелирање. Рокот е 30 јуни, но сега секогаш искуството вели може и до 15 јули. Нормално некои документи да се достават, да се дополнат, да се одземат и така натаму, но еве ајде да речеме 30 јуни. Ние очекуваме повторно да ја потврдиме позицијата дека сме први, како што тоа беше во декември, но ајде да почекаме да видиме каков ќе биде Извештајот од страна на Европската комисија“, изјави премиерот Мицкоски.
Од СДСМ оценуваат дека Владата ја оддалечува земјата од Европската Унија.
„Европскиот пат е целосно блокиран. Македонија е изолирана. Наместо да се приближуваме кон ЕУ, се отвораме кон авторитарни влијанија. Македонија не смее да продолжи по овој пат. Курсот мора да се промени – враќање на европскиот пат, одговорна економска политика и враќање на институциите во служба на граѓаните, а не на партиските и криминални интереси“, се вели во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Вчера и спикерот Гаши на брифинг со медиумите кажа дека во Собранието има позитивна атмосфера веднаш да се свика седница до 30 јуни, ако биде доставен нов закон од реформската агенда.
Петар Догов
