ИФФК „Браќа Манаки“, првиот и најстар фестивал во светот посветен на креативноста на кинематограферите, го најавува своето 47. издание, кое ќе се одржи во Битолa, од 19 до 25 септември 2026 година. .
Лауреат на наградата Златна камера 300- е визуелниот гениј на Холивуд, Дан Лаустсен (Dan Laustsen). Двапати номиниран за Оскар, Лаустсен е дански директор на фотографија чија четиридецениска кариера остави длабок белег во современата светска кинематографија. Како активен член на Американската асоцијација на кинематографи (ASC) и Данската асоцијација на кинематографи (DFF), Лаустсен е препознатлив по својот специфичен визуелен јазик, кој успешно ги спојува европската уметничка сензибилност и холивудската техничка прецизност.
Глобалниот успех на Лаустсен во голема мера е резултат на неговите долгогодишни партнерства со истакнати холивудски автори, како: Гиљермо дел Торо и Чад Стахелски.
Соработката со Гиљермо дел Торо резултираше со некои од визуелно највпечатливите филмови на 21 век: „Обликот на водата“ (The Shape of Water, 2017), „Алејата на кошмарите“ (Nightmare Alley, 2021) и „Франкенштајн“ (2025).
Во творештвото на Чад Стахелски, Лаустсен е визуелниот архитект на култната акциона франшиза „Џон Вик“ (John Wick), поточно на второто, третото и четвртото продолжение, каде ги редефинираше стандардите за снимање на комплексна акција и неонска естетика.
За својот исклучителен придонес, Лаустсен е повеќекратен добитник на меѓународни награди. Номиниран е за Оскар за филмовите „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“.
Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“ рече дека 47.издание на фестивалот според бројките и статистиките до денес претставува најамбициозно издание досега.
Има рекордна бројка на пријавени филмови-повеќе од 600 филмови, што е првпат во историјата на фестивалот, како и работилници со студенти од земјава и странство со еминентен директор на фотографија од Белгија, но и со Марија Џиџева и Фејми Даут, работилница поврзана со програмата Еразмус итн.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски истакна дека годинава, фестивалот доби зголемена поддршка од Агенцијата за филм во износ од 12 милиони денари, за разлика од минатата година кога поддршката изнесуваше 9. милиони денари.
„Браќа Манаки“ е мошне значаен за филмаџиите затоа што им дава можност да се сретнат, да комуницираат и да се запознаат со најголемите директори на камера на денешницата, како Дариус Конџи, Роџер Дикенс и многу други врвни кинематографери“, рече Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници,
