Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска обвини дека почетокот на примената на Шенгенскиот систем за влез и излез (EES) на границата со Грција ќе предизвика дополнителни потешкотии за македонските граѓани кои патуваат кон земјите од Европската Унија.
Според СДСМ, ова не е само техничка промена, туку и последица на, како што наведуваат, политиките на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
„Мицкоски изјави дека Македонија ќе чека со децении за влез во Европската унија.
Сега, благодарение на неговата политика, граѓаните ќе чекаат и со десетици часови само за да ја преминат границата и да влезат во ЕУ. Сезоната уште не е почната, а на границите веќе има хаос.
Границите со ЕУ денес изгледаат точно како што изгледа и политиката на Мицкоски – затворени, изолирани и без перспектива“, пишува во партиското соопштение.
Од опозициската партија обвинуваат дека додека обичните граѓани стојат со часови на граница, министрите, директорите на јавни претпријатија и пратениците од тендер коалиција веќе одамна имаат бугарски пасоши и без проблеми патуваат низ Европа.
„Тие не чекаат. Тие не се изолирани. Тие уживаат во сите придобивки на Европа, додека на граѓаните им порачуваат да не патуваат, туку да летуваат дома. Организираната криминална група ВМРО не се грижи за граѓаните. Тие се грижат само за себе – за тендери, за државни авиони и за лични привилегии. Граѓаните се оставени сами да плаќаат цена за нивната политика на изолација и неуспех“, пишува во партиското соопштение.
