„Индустриското производство во 2026 година е зголемено за 7,6 проценти во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Според објавените показатели, кумулативно за 2026 година индустриското производство бележи раст од 0,2 проценти“, рече на прес конференција пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Бојан Стојановски.
Стојановски оцени дека позитивните резултати во услови кога голем дел од европските економии се соочуваат со забавување на индустриската активност, се резултат на владините економски политики и мерките за поддршка на домашното стопанство.
Како една од клучните мерки тој ја посочи кредитната линија од 230 милиони евра наменета за домашните претпријатија, мерка која како што рече не останала на хартија туку помогнала за нови инвестиции, нова опрема, проширени капацитети, поголемо производство и нови можности за развој.
Тој истакна дека е важно што позитивните движења доаѓаат од преработувачката индустрија, сектор кој има важна улога во извозот и создавањето додадена вредност во економијата и најави дека и во наредниот период ќе продолжат со мерки за поддршка на домашната економија и на компаниите.
