Возач од струшко удри во 46 годишниот Л.Ј од Кина кој работел на автопатот Охрид-Кичево и тешко го повреди. Повреден е и возачот.
Несреќата се случила вчера изутрина, кога возачот управувајќи со мерцедес изгубил контрола над возилото, удрил во шахта а потоа и во работникот од Кина.
„На 15.06.2026 во 07:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека на автопатот во изграда Охрид – Кичево, кај с.Оровник, општина Дебарца, К.Ш.(32) од с.Корошишта, струшко, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и удрил во шахта, а потоа во Л.Ј.(46) од Народна Република Кина, со престој во с.Извор, кој извршувал работни задачи на автопатот“, соопштија од МВР.
Во несреќата тешко е повреден Л.Ј., а телесни повреди има и возачот на патничкото возило, констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ Охрид.
По наредба на јавен обвинител, возачот К.Ш. е лишен од слобода, а увид извршила увидна екипа на СВР Охрид. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
