Во издание на издавачката куќа „Илика“ излезе илустрираната стихозбирка „Друго е на сонце!“ од Бојана Низамовска и Руки Чуки. Книгата претставува шаренолика компилација од четириесет и две слатко-горчливи, интимни, меланхолични, но и хумористични песни на Бојана Низамовска кои се визуелно поддржани со колоритните илустрации на уметницата Руки Чуки.
Песните, како и илустрациите, обработуваат теми од секојдневието во главниот град, богати се со референции од поп-културата и претставуваат мала, лична архива на заборавени места и ликови, случајни средби, и копнежливи погледи и насмевки.
Ова визуелно примамливо издание на „Илика“ беше промовирано на 8 јуни во дворчето на кафе-книжарницата на издавачката куќа пред многубројна публика со разговор помеѓу авторките и уредничката. Книгата може да се набави во кафе-книжарницата „Илика“, а наскоро и во поголемиот број книжарници во Скопје.
