Со трибината насловена „Македонскиот јазик и Благоја Корубин – 30 години меѓу нас“ во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ започна тридневното чествување на јубилејните 30-ти Денови на Благоја Корубин со учество на повеќе домашни и странски научници. Благоја Корубин е еден од најголемите повоени македонисти на 20-от век, основач на Одделението за современ македонски јазик и еден од основачите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
„Причините јас многу пати сум ги образложувала. Прво, сакав да му оддадеме почит на Благоја Корубин, бидејќи тој е еден од лингвистите што можеби најмногу се заложил за востановувањето, восприемањето на јазично литературната норма. И второ, во тоа време имаше само една конференција во Македонија, а тоа беше конференцијата во Охрид на Семинарот, на која се разбира странците секогаш имаа предност, а ние добивавме покани како кому ќе се згоди, а особено па младите никако. А сепак како што покажува и Законот, сега за високо образование потребно е луѓето да имаат место каде тоа ќе го искажат и најдобро е во својата средина да започнат“, изјави проф. д-р Снежана Велковска, почесна претседателка на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“.
„Секоја година еве се собираме научници од Институтпт за македонски јазик, од филолошките факултети во државата и во регионот доаѓаат со свои реферати и настапуваат на соодветна тема“, изјави проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
„Утре и задутре, значи на 14 и 15 мај, ќе се одржува научен собир под наслов „Македонскиот јазик во контакт со други јазици и култури“. Тоа е научен собир дводневен предвиден за три сесии, има богата, разновидна програма и опфаќа различни аспекти на темата којашто е зададена“, изјави проф. д-р Катица Топлиска – Евроска, претседателка на Меѓународниот организациски одбор на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“.
Н.С.
