Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска го реализираа 42-от „Марш за ангелите“ низ улиците во Кочани, почнувајќи од Паркот на револуцијата. На одговорните во институциите им се обратија во три наврати, застанувајќи пред зградата на полицијата, барајќи одговорност за полициските службеници кои таа ноќ не интервенирале кога се запалила пиротехниката, како и при евакуацијата на нивните деца од дискотеката.
Пред зградата на Основното јавно обвинителство му се обратија на премиерот и на министерот за внатрешни работи, порачувајќи им дека нивното ветувањето „И брат да нѝ е, ќе одговара“ и, како што порачаа. „денес гледаат што значеле тие зборови, „Не правда. Не одговорност“.
„Ние не сме тука од политика. Ние сме тука затоа што ги закопавме нашите деца, нашите најмили. А вие? – Вие денес се однесувате како најголем проблем да ви е како да ги зачувате фотелјите, функциите и партиските луѓе. Срамота. Ние веќе немаме што да изгубиме. А вие очигледно сте подготвени да жртвувате и правда, и држава и доверба, само за да не ги изгубите „вашите“. Затоа ние сме на улица. Не затоа што сакаме хаос, туку затоа што правдата ја претворивте во навреда. И запомнете: Ниту една функција не трае вечно. Ниту една власт не е вечна. Но, срамот од предадената правда останува засекогаш. Како што Германија со децении го носи товарот и срамот од времето на Хитлер, така и оваа власт ризикува да остане запаметена во историјата на Македонија, не по правда за убиство на 63 млади лица, туку по молк, заштита на „своите“ и предавство кон сопствениот народ во миг кога најмногу му требаше држава“, вели Александар Наунов, родител на жртва во „Пулс“.
В.Ј.
