Вести Македонија Топ вести

Македонија го чествува 5 мај, Денот на македонскиот јазик

Со кирилица се напишани милиони страници, милиони преводи, милиони љубовни писма и пораки. Најубавите вести, честитки и желби цел живот ги добивавме, ги добиваме и да ги добиваме на убав македонски јазик, напишани со кирилско писмо. Со овие зборови професор Елена Јованова- Грујовска на традиционалното чествување на 5 мај, Денот на македонскиот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ги поздрави присутните и ја упати пораката до сите граѓани на Македонија, но особено до најмладите генерации да пишуваме со кирилица.

„Кирилицата е нашето богатство, нашето културно наследство што нѐ прави свои, препознатливи, различни, единствени во Европа и во светот. Наша задача е само со еден клик на екранот или на тастатурата да се одлучиме за кирилица и да пишуваме на македонски јазик“, изјава проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Во време кога комуникацијата станува се побрза, покуса и понекогаш површна нашата одговорност кон јазикот станува уште поголема.

„Не затоа што треба да го чуваме во стаклено ѕвоно, туку затоа што треба да го користиме свесно. Да му дозволиме да биде богат, точен, креативен. Да не се откажуваме од неговата длабочина за сметка на брзината“, изјави м-р Филип Белчев од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

И токму денес, кога имаме стандардизирана и функционална кирилична азбука, се поставува и прашањето за нашиот однос кон писмената култура и кон симболичката вредност на писмото.

„Ако во минатото разновидноста била нужност, денес таа почесто е избор, а секој избор носи и одговорност. Можеби во ваквата разновидност лежи една важна поука и за денес, зашто ако нешто нѐ учи историјата на јазикот тоа е дека стабилноста што ја имаме денес не е во спротивност со промената, туку нејзин резултат“, изјави проф. д-р Борче Арсов од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Во својата порака, министерот Љутков нагласи дека македонскиот јазик е жив израз на нашето постоење, духовност и историја, кој се пренесува низ генерациите и ја отсликува силата и истрајноста на народот. Во рамки на традиционалното чествување на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, во повеќе институции беа организирани научни трибини.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Проблемот на професионалните возачи во Шенген зоната влезе во завршната декларација на Парламентарно собрание на земји од Југоисточна Европа 

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена облачност – Временска прогноза за 25.6.2026

meteo

ЕУ со напредок кон воведувањето на дигиталното евро

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе