Полицаец од 6-таа Управа е притворен на 8 дена поради извршено семејно насилство. Од судот и обвинителството го потврдија случајот, а притворот бил определен во текот на викендот.
Според првичните информации станува збор за полицаецот Раде Р. кој бил дел од претходницата на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски.
Од владата го потврдија случајот со објаснување дека не станува збор за директен бодигард на премиерот туку полициски службеник распореден од страна на МВР.
-Лицето за кое станува збор не е дел од непосредното обезбедување на премиерот, туку е ангажирано во поширокиот безбедносен опфат околу заштитата на личности, во рамки на системот на Министерството за внатрешни работи. Важно е да се нагласи дека институциите постапија веднаш и согласно законските процедури. Ова е јасен показател дека системот функционира неселективно, законите важат подеднакво за сите без разлика на позиција, функција или ангажман, ни одговори портпаролката на владата, Марија Митева.
Вчера попладне скопскиот кривичен суд му определи 8 дена притвор на осомничениот полицаец Раде Р. по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во чиј состав е специјализираното обвинителско одделение надлежно за истраги за полициски службеници. Тој бил пријавен за семејно насилство извршено врз својата сопруга.
Миомир Серафиновиќ
