По реакциите на родителите, министерката за образование Весна Јаневска соопшти дека фолклорната насока во Државното музичко училиште во Битола не се укинува, туку ќе запишува ученици секоја втора година. Таа не прецизираше кога е донесена ваквата одлука, но одговорот следи по јавните реакции, откако во конкурсот за упис за следната учебна година насоката не беше предвидена. Министерката рече дека целта е да се избегне хиперпродукција на кадар, иако посочи дека интересот не е голем.
„Лани се запишани осум ученици, не можеме да кажеме дека интересот е преголем. Затоа ќе се запишува секоја втора година, за да немаме хиперпродукција на кадри кои во иднина би имале проблем да го искажат својот талент. Насоката не се затвора, таа е отворена лани, следната година повторно ќе има прием на ученици, ако воопшто ги има“, изјави министерката Весна Јаневска.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерката информираше дека на Меѓународниот славјански универзитет се поништени две дипломи од прв и втор циклус студии на едно исто лице, поради сомнение за фалсификување. Лицето студирало на двата циклуси истовремено, а дипломите издадени во 2016 година го содржат новото име на државата Република Северна Македонија, иако тоа е усвоено во 2019 година.
Дополнително, со решение на Министерството денеска се поништени и осум дипломи од втор циклус на студии на Филозофскиот факултет, откако Државниот просветен инспекторат констатираше незаконски упис на студентите. За двата случаja е известено Јавното обвинителство, кое треба да утврди дали има кривична одговорност.
Емилија Мисирлиевски
