Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија денеска со исклучително долга објава на Фејсбук се обрати до министерот за правда, Игор Филков, предизвикан од , како што вели, неговата изјава дека го чекал формирањето на новата власт во Унгарија, за да се информира за промената на неговиот статус и започнување на постапката за екстрадиција.
Централното прашање во објавата на Груевски до Филков е: Кој е на власт во Македонија?
Според него, актуелните потези наликуваат на политики од времето на претходната власт и него му наликувало дека, како што пишува, „СДСМ на криминалецот Заев со неговата омраза и валкани методи не си заминале од власт“.
Целосно отфрлајќи ги сите обвиненија, тој го советува министерот да ги испита, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и политичкиот прогон што се случувале во периодот на владеењето на СДСМ и Зоран Заев.
Груевски повторно ги оспори судските процеси против него, тврдејќи дека станувало збор за монтирани случаи, политички мотивирани обвиненија и пресуди донесени под притисок.
Во објавата тој ги спомена предметите поврзани со службеното возило „Мерцедес“, случаите за плацеви, станови, протестите пред Општина Центар, како и проектот за автопатот Кичево-Охрид, тврдејќи дека обвиненијата биле неосновани.
Поранешниот премиер оцени дека еден ден, како што наведе, „пародијата на правосудниот систем“ ќе биде согледана и од Европската Унија од вистински агол.
На крајот, Груевски порача дека министерот за правда треба да постапува според совеста и законите, а не да стане дел од, како што рече, „валкана игра од минатото“.
