Пратениците наспроти шефот на дипломатијата Муцунски, побараа отчет за реалниот напредок на Македонија кон ЕУ. Опозицијата се повикува на извештајот на Вајц, како доказ дека напредокот е закочен. Од МНР возвратија дека реформите се видливи и мерливи. Но, дебатата на седницата на Комисијата за надворешна политика ја отвори клучната дилема: дали реалната слика за евроинтеграциите ја потврдуваат критиките во извештајот или оптимизмот на власта.
„Тоа е извештајот на известувачот, тој ги следи работите. Јас не знам белгискиот претставник што рекол, меѓутоа известувачот што ги следи работите во Македонија рече дека во Македонија има нула напредок. Тоа е денеска, последна изјава“, рече Халил Снопче, пратеник од Алијанса за Албанците.
„Јас нема да коментирам што кажал тој, дали е тоа точно или не е точно. Знам дека и премиерот имаше утрово изјава по однос на тоа што е направено. Тоа наједноставно ќе се види кога ќе треба да се повлече траншата од 45 милиони евра бидејќи реформската агенда е направена така што кога ќе ги исполните реформите тогаш ги добивате средствата. Ако не ги добиете средствата, тогаш можете да читате колку сакате извештаи меѓутоа средствата нема да дојдат во земјата за која се определени“, кажа Димитар Ковачевски, пратеник од СДСМ.
Министерот Муцунски порача дека не сака да навлезе во полемика за извештајот на известувачот Вајц, но тврди дека земјата на маса има аргументи дека реформите се спроведуваат, особено во периодот по локалните избори.
„По однос на гледиштето на господинот Вајц, не целам преку денешната дебата да навлезам во некоја полемика со него. Но, јас говорам врз основа на факти и кога велам дека државата напредува врз основа на реформската агенда, говорам врз основа на информации за евалуациони периоди добиени од Европската комисија, којашто нѝ вели дека во последниот период по периодот на завршувањето на локалните избори имаме значителен напредок и голем број на реформи коишто се спроведуваат и коишто вие ги гледате тука во Собранието. Тие се факт!“, вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
На денешната собраниска Комисија за надворешна политика со единствена точка на Дневен ред – извештај на МНР за остварувањата, од албанскиот блок повторно излегоа со барање до власта. Од Европскиот фронт порачаа итно да се спроведат уставните измени.
„Ако не го промениме Уставот, џабе зборуваме за добри закони, за убави закони, итн. Нема да имаме економија, нема да имаме ни просперитет према нашата држава, но ќе се зголемат други апетити“, вели Садула Дураку, пратеник од Европски фронт.
„Јас жалам што не можам исто како вас да ги гледам процесите во меѓународните односи на еден црно-бел начин, затоа што повторно ќе кажам – погледнете ја шемата на односот кон нашата држава во овие процеси и тие се доказ сами по себе. Нѝ се ветува направете го само ова, па повторно нова блокада. Па, направете го уште ова. И повторно нова блокада“, одговори министерот Муцунски.
Според министерот Муцунски, потребни се гаранции од европските институции, дека идентитетот, јазикот, историјата и културата нема да се пречка на патот кон полноправно членство. Очекување на власта е и дека соседна Бугарија ќе ги почитува своите обврски.
Петар Догов
