Ученичка од основно училиште во општина Ѓорче Петров преживеала вистински кошмар од соученици. Била жртва на врсничко насилство. По преживеаниот стрес, девојчето побарало лекарска и психијатриска помош. Ова, според надлежните, не е прв случај на насилство врз истата ученичка. Училиштето го пријавило настанот и веќе презема мерки, додека случајот е пријавен и во Министерството за образование и наука. За случајот постапува и Министерството за внатрешни работи, во координација со јавен обвинител. Од полицијата информираат дека се пријавени два одвоени инциденти во кои малолетното девојче било физички нападнато од соученички од истото училиште.
МВР: Во моментов се работи на целосно документирање на настаните, преку повикување и разговор со повеќе инволвирани малолетнички (во придружба на нивни родители) и собирање на други материјални докази во насока на расчистување на случајот.
Министерката, Весна Јаневска, апелира на поддршка од родителите затоа што вели, институциите не можат сами да се справат со ваквите појави.
- Сите ние одговорни институции можеме да правиме се така како што треба, ако немаме помош од родителите не можеме да имаме успех колку и големи напори да направиме. Секако ќе има одреден процент но клучна улога покрај училиштето и стручната служба имаат и родителите. Сега имаме иницијатива повторно за еден проект да пробаме да се справиме со семејното насилство затоа што најчесто овие агресори се резултати на нешто што е случува дома. Апел да дадам да внимаваат и повеќе време да поминуваат со своите деца- Весна Јаневска министерка за образование и наука.
Да доживееш таква повреда и да бидеш понижуван пред своите и од своите другари е нешто што останува длабоко да седи во личноста. На трауматизирана личност и треба многу внимание и стручни лица кои ќе работат со жртвата да и кажат дека таа не е винована за тоа што и се случило, а срамот и вината е на тие кои што го направиле делото, вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
- Му треба голема стручна помош на девојчето што настрадало, но јас сепак се залагам дека и на оние кои го направиле делото им треба озбилна стручна помош затоа што тие се исто наши деца, тие се деца исто дел од нашата иднина и би било многу сурово кога тие би останале бележани за цел живот со делото што го направиле, им треба помош да имаат увид што е тоа што направиле да знаат како дошло до тоа така да реагираат и како поинаку во иднината би можеле да се однесуваат и да ги решаваат несогласувањата – Мирјана Јовановска Стојановска психолог.
Според експертите, ваквите случаи можеби не се новост, но нивната се во растечки тренд и во посериозна форма. Сметаат дека влијанието на социјалните мрежи, филмовите и видеоигрите придонесува за создавање натпревар во насилно однесување меѓу младите.
Симона Петровска
Б.С.
