Македонија во изминатата година не направила никаков напредок или реформи, ниту за старт на преговорите, ниту за Планот за раст. Ваквата оценка за земјава стигна од известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој во интервјуто за „Евроњуз“ на бугарски јазик, наведува дека доколку земјава не го спроведен неопходните реформи од реформската агенда ќе остане без 47 милиони евра европски пари.
Сепак тој остава простор земјава да го фати возот за полноправно членство во ЕУ, заедно со Црна Гора и Албанија, но само доколку спроведе сериозни реформи.
„Ако навистина се ангажира со сериозни реформи се уште би имала извесна шанса да им се придружи на клубот на Албанија и на Црна Гора за пристапување во овој мандат на Европскиот парламент. За жал, засега не гледам дека се преземаат неопходните реформи. Во овој момент не гледам политичка волја од страна на владата сериозно да се ангажира, особено што се однесува до владеењето на правото и независноста на судството“, рече Вајц.
По прашањето на уставните измени Вајц е јасен дека без вклучување на дополнителни малцинства во Уставот, пристапниот процес за земјава не може да продолжи понатаму, односно да отпочнат преговорите.
„Гледаме некои позитивни чекори. Има план за дејствување по прашањето на малцинствата, така што ќе има некаков развој, но владата треба да ги заврши реформите. Во спротивно не може да се ангажираме со вистински преговори“, рече Вајц.
Вајц притоа ја отфрла можноста за менување на Преговарачката рамка, пред се во делот на правата на малцинствата и нивното вклучување во Уставот, наведувајќи дека малцинските права и самоопределувањето се едни од основните европски вредности врз кои се засноваат Копенхашките критериуми.
Тамара Грнчароска
Б.С.
