Девет години по настаните во Собранието на 27 април 2017 година за СДСМ е најцрниот ден во историјата на македонската демократија. За премиерот Христијан Мицкоски тоа е политички монтиран случај од страна на претходната Влада.
Апелациониот суд пак минатата недела го одби барањето за повторно судење. Осудените во минаттите години обвинуваа за политички прогон и монтиран процес. Од СДСМ порачуваат дека 27 април е тежок, крвав потсетник колку лесно една криминална, недемократска власт може да ја втурне државата во провалија.
- „Денешниот премиер, Христијан Мицкоски, тој ден беше пред Собранието. Девет години подоцна, наместо целосна правда – сведоци сме на обиди за срамна рехабилитација на насилниците. По доаѓањето на ВМРО-ОКГ на власт, осудени лица за 27 април се пуштаат од затвор со само еден потпис“ – Богаданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Мицкоски пак изјави дека невини луѓе биле прогласени за терористи, иако направиле само одредени прекршоци за кои требало да одговараат.
Според него, и самите обвинители, судии во тој период сведочеле за наместени постапки, притисоци и уцени во правосудниот систем.
Јане Ченто, еден од осудените за 27 април денеска поднесе кривична пријава против поранешната јавна обвинителка Вилма Русковска за попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба.

Како доказ обезбедиле изјава од еден од сведоците заверена на нотар дека дал лажен исказ во постапката.
- „Кога имате заверени искази на нотар, кога се признава дека лажно се сведочело и кога имате јавно признание за притисок врз судија поротник тогаш ова не е веќе политичка тема. Ова не е обичен случај, ова е случај во кој имаме основано сомнение дека се користеа незаконити докази се вршеше притисок врз сведоци и се донесе пресуда врз основа на монтирана постапка“ – Јане Ченто.
За „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ беа осудени 16 лица на казни од 7 до 16 години затвор. Откако мнозинството пратеници го избраа тој 27 април за претседател на Собранието, Талат Џафери, толпа на луѓе, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ упаднаа во Собранието, а притоа беа нападнати пратеници на СДСМ и ДУИ.
Марија Митевска
Б.С.
