„Иако во љубовта и во книгите се е веќе речено, како што велеше Конески, сепак се допрва треба да се рече, изјави писателката“ Оливера Ќорвезироска.
Секој Саем на книгата е привидно ист, штандови, корици, нови изданија што мирисаат на боја и хартија. Но вистинскиот саем никогаш не е она што го гледаме, туку во она што ќе се случи подоцна кога книгата ќе биде отворена, вели писателката Ќорвезироска, годинашна добитничка на наградите Роман на годината, наградата „Стале Попов“ и „Рациновото признание“ за романот „Три Марии“.
„Секој Саем на книгата е град од хартија, а секоја книга во него е изѕидана, готова, празна куќа која чека некој да се всели во неа за да стане дом. Книгите што ќе ги напишеме се куќи на јазикот, но не се домови на јазикот се додека читателите не се вселат во нив. Вистинските жители на овој град од хартија се читателите не писателите. Читателите не се публика на писателите, туку нивни соучесници. Не се наши гости, туку наши домаќини. ( изјава Оливера Ќорвезироска, писателка)
Библиотеките се живи, таму каде што духовниот живот не згаснува забележа претседателката Гордана Сиљановска – Давкова која го прогласи Саемот за отворен.
„Кога ќе замолчат дневниве вреви, кога ќе исчезнат минливите сензации и кога ќе се разоткријат сите привиди на времето повторно останува книгата. Мирна, достоинствена и вечна. Потсетувајќи нѐ дека што сме наследиле, што сме создавале и што сме должни да го предадеме понатаму“, рече Гордана Сиљановска – Давкова, претседателка на РСМ
Во рамки на 38. Саем на книгата кој ќе трае до 29 април ќе земат учество над 65 издавачи, додека во текот на седумте саемски денови се предвидени над 150 програмски содржини. И како што забележа министерот Љутков 130-те нови наслови и автори на овој Саем на книгата не се само бројки, туку 130 можности да размислуваме малку поинаку, да чувствуваме подлабоко и да разбереме пошироко.
Нина Стефанова
