Потпишал исплата на над 600 илјади евра аванс за модернизација и изградба на трибина на стадионот Билјанини извори, во Охрид иако тоа не било предвидено со одлука на надлежниот комитет заитност во Фудбалската федерација. Поради тоа е приведен поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, соопшти полицијата.
-Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје го лишија од слобода М.С. поради сомнение за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Делото е сторено во декември 2024-та година, а поради потписот, во февруари оваа година, ФФМ го суспендираше Сејдини со двегодишна забрана за вршење на функција во фудбалот.
Утврдено било дека трибината треба да биде изградена за над 200 милиони денари, а работата треба да почне без аванс. Но, Сејдини овозможил аванс од 20 проценти иако немал овластување, а немало ниту обезбедена банкарска гаранција.
Од ФФМ велат дека по откривањето на случајот е прекинат договорот со првоизбраната фирма, а друга градежна компанија е избрана за да го заврши проектот за кој средствата се донација од меѓународна фудбалска организација.
Периодот на договорот за кој е приведен Сејдини се поклопува со периодот кога ФФМ под водство на Сејдини имал големи милионски исплати во рок од само еден месец.
-Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, пред изборното собрание на ФФМ, потрошени се околу пет милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот. Пет милиони евра. За еден месец. Само трошоците за хотелски, чартер летови и авионски карти, за оперативни трошоци, кои биле направени во 2024-та, ги намаливме за повеќе од еден милион евра, во 2025-та година, изјави Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ, на Собранието на федерацијата во март.
Сејдини беше претседател на ФФМ од 2019-та до 2025-та, кога на негово место беше избран Масар Омерагиќ. Во негов мандат кој на крај беше исполент со контроверзи, македонските фудбалски репрезентативци за првпат се пласираа на Европско првенство кое се одржа 2021-ва.
Миомир Серафиновиќ
