Вести Македонија Топ вести

СДСМ во конфликт со својот градоначалник Митовски за рудникот за антимон

Опозицискиот СДСМ го нападна градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, еден од ретките градоначалници од нивните редови, во врска со можното отворање на рудник за антимон на територијата на општината. СДСМ инсистира дека мора да се одржи локален референдум за рудникот и го обвини Митовски дека се договара со премиерот Христијан Мицкоски. Митовски претходно за Телма рече дека можноста за отворање на рудник за антимон ја гледа низ економскиот аспект, а не низ политичка призма.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека добиваат јавувања од граѓани и од граѓански организации од Крива Паланка коишто се сериозно загрижени за своето здравје и оти тие не се прашани дали сакаат рудник.

„Кога зборува за бизнис интерес и интерес на државата, ние видовме на ВМРО каков е интересот, нивни е бизнис интересот, не е тоа за државата бизнис интерес, еве од сите проекти коишто досега се спроведуваат. Така што на прво место е интересот и гласот на граѓаните. Градоначалникот на Крива Паланка, од која партија и да е, ние на овој начин ќе реагираме за таква иницијатива во кој било град, без разлика дали градоначалникот е од СДСМ или од ВМРО или од некоја друга партија. Даваме поддршка на барањата на граѓаните, тие и нивниот глас треба да бидат приоритет“, рече Филипче.

Тој не одговори директно што ако градоначалникот не организира референдум.
СДСМ претходно реагираше дека копањето антимон е една од најтоксичните рударски активности.
Митовски за Топ Тема изјави ќе инсистира на заштита на животната средина и користење на најсовремени технологии за производство затоа што нема компромис со здравјето на граѓаните, но оти ова е сериозен потенцијал за отворање нови работни места на кој треба рационално да му се пристапи.

„Организирањето на референдумот не смее да биде врз база на емоционална или политичка одлука. Самата оваа одлука треба да биде водена исклучиво од интересите на граѓаните на Крива Паланка. Затоа ова прашање не го гледам низ политичка призма и политички аспект, туку како локалната заедница може да ги има сите овие придобивки што може да ги имаме при една таква стратешка инвестиција. Мојот пристап е воден од интересите на граѓаните, а не од партиските позиции“, Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка.

Истовремено додека се води дебатата за отворање рудник за антимон во Паланечко, пред пратениците се најдоа и предлог измени на Законот за минерални суровини по скратена постапка, кои предвидуваат за барање дозвола за експлоатација на минерални суровини да е почната постапка за експропријација на земјиштето, наместо како досега да бидат решени имотно правните односи. Филипче бара измените да се носат во редовна постапка со широка јавна дебата, а не по скратена, зашто граѓани може да останат без земјиште во нејасна процедура.

Повторното отворање на рудникот за антимон Крстов Дол кај Крива Паланка, кој работел до пред половина век, ја најави премиерот Мицкоски пред две недели.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјанец бил пресретнат со три возила, претепан и однесен во Шишево

Tea Dimkovska

Франција под засилени безбедносни мерки пред Самитот на Г7 

Tea Dimkovska

Тешка сообраќајка кај Љуботен – Повредени седум лица, меѓу нив и четири деца

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе