Иако побавно од регионот, сепак осигурителниот пазар во Македонија се развива со солидно темпо. Вака може да се опишат состојбите во секторот за осигурување.
Бројките од Агенцијата за супервизија на осигурување покажуваат дека граѓаните и фирмите лани уплатиле 291,6 милион евра за осигурување по различни основи. При тоа, уплатите во катергоријата на живот изнесуваат едвај 52 милиони евра, додека далеку поголем е уделот во сегментот неживот, којшто опфаќа осигурување на имот, последици од несреќи и незгоди, здравствено осигурување, превоз на стоки, автоодговорност итн. За сето тоа уплатите во осигурителните компании лани изнесуваат речиси 240 милиони евра, што е над 82 отсто од вкупната вредност на осигурителните полиси.
„Она што го имаме последните години, или 2025 во однос на 2024 година, осигурителниот сектор расте со 12,3%. Малку поголем раст има осигурувањето за неживот со некои 12,7%, додека осигурувањето за живот расте со 10,2%.
Еден од клучните продукти кој бележи значителен раст и којшто е пласиран до осигурениците преку банките е ризико осигурувањето. А, другиот продукт е ‘јунит линкд’, или новиот тренд на осигурување комбинирано со инвестициска компонента.
Доколку ги третираме бројките на развој на осигурувањето на живот споредено со вкупно бруто полисираната премија на пазарот на осигурување може да видиме дека 2025 година осигурувањето за живот учествува со 17,8% во вкупната премија за осигурување. Она што би потенцирал е дека 10 години наназад тој процент се движи помеѓу 16 и 18%, а според европските статистики таму помеѓу 45 и 50% се движи учеството на осигурувањето на живот во вкупната премија за осигурување“, вели Бобан Томески, генерален директор на „Кроација осигурување – живот“.
Осигурителниот сектор континуирано расте, па така во 2020 година била уплатена сума од 163 милиони евра, а лани надминала 290 милиони евра. Секако, поголем дел се должи на растот на неживотното осигурување.
Осигуритениот пазар лани во Македонија оствари раст од скоро 13%. Од осигурителните компании велат дека голем удел во тој раст имаат и големите инфраструктурни проекти на државата.
Освен државата, за растот лани значајно придонел и сегментот приватно здравствено осигурување.
„Вкупно растот во неживотното осигурување изнесува 13%, или поточно вкупниот пазар за неживотно осигурување е 14,7 милијарди денари. Доколку погледнеме малку подлабоко во структурата и во продуктите во неживотно осигурување, можеме да видиме дека главно растот доаѓа од имотните класи на осигурување, коишто предничат во релативен износ и пораснале во изминатава година некаде околу 35 проценти. Понатаму, следат класите автоодговорност, класата здравствено осигурување и каско осигурување. Но, она што би сакала да истакнам е дека би требало да направиме малку подлабока анализа, да видиме точно што го движи позитивниот тренд на пазарот на осигуруање, односно да ги издвоиме големите проекти коишто изминатава година придонесоа за огромен раст во осигурителната индустрија. Доколку ги издвоиме големите проекти поврзани со инфраструктурните проекти на државата во коридорот 8 и 10, гледаме дека сè уште се задржува позитивниот тренд на пазарот, но истиот не изнесдува 13%, туку 7%. Заради тоа може да заклучиме дека навистина се битни инфраструктурните проекти, битни се инвестициите на државата и тие дефинитивно, неминовно даваат ‘буст’ и во осигурителниот сектор. Доколку се издвојат овие проекти и се фокусираме на продуктите коишто ги купуваат граѓаните и компаниите, можеме да заклучиме дека најголемо движење има во приватното здравствено осигурување. Тука компаниите веќе го препознаваат продуктот за приватно здравствено осигурување како задолжителен дел од бенефит пакетот за сите вработени“, вели Марија Томеска, претседателка на УО на „Еуролинк осигурување“.
Кога станува збор за неживотното осигурување, најголемиот удел на пазарот традиционално отпаѓа на полисите за автоодговорност. Лани за тоа биле уплатени над 104 милиони евра, но бројките покажуваат дека сè повеќе се развиваат и останатите доброволни полиси што резултира со намалување на уделот на задолжителното осигурување од автооодговорност.
„Евидентно е сè помалото присуство на задолжителниот производ, односно автоодговорноста. Автоодговорноста во 2018 година, за споредба, учествувала во вкупната полисирана премија која што ја полисираат осигурителните компании со 45-46%, за разлика од 2025-та, кога учествува со 35%. Евидентно е, исто така, зголемувањето на доброволните класи, а тоа е пред сè здравственото осигурување коешто во истата таа 2018-та година учествувало со 1,3-1,4%, за разлика од 2025-тата година кога учествува со повеќе од 7%.
Значи, осигурувањето е сè уште релативно ново и сè уште не ги достигнало сите можности кои што треба да ги достигне во наредниот период. Меѓутоа, ова е еден процес кој што ќе трае и исто така треба да бидеме подготвени со дополнителни финансиски едукации, со дополнително вложување и конкуренција и дигитализација на процесите со поадекватна понуда на осигурителни производи да ја зацврстиме пред сè довербата во нашата држава во осигурителните компании, сè со цел да имаме поквалитетни и подобри резултати“, вели Зоран Стојановски, извршен член на Одбор на директори на „Граве осигурување“
Лани, пак, за зелен картон уплатени биле скоро 25 милиони евра, но сепак мал е бројот на возилата кои вадат зелен картон.
Она што мора да се знае е дека осигурувањето се купува кога не е потребно, со цел да обезбеди заштита и можност за надомест на евентуална штета. И тоа важи за сите класи на осигурување, затоа што кога ќе сфатиме дека ни е потребно е веќе доцна за осигурување, велат нашите соговорници.
Освен тоа, колку порано се обезбеди животно осигурување, односно колку што е помлад човекот кој склучува полиса за животно осигурување, толку добива подобри услови и подобра премија заради помалиот ризик.
„Она што е клучно на осигурувањето на живот е тоа дека станува збор за незадолжително осигурување и истото е на доброволна основа. И ако ги гледаме бројките ќе видиме дека реално на целиот пазар за осигурување она што е клучно е дека истиот се мери по пенетрација и густина на осигурување. И ако ја гледаме пенетрацијата на осигурување која што е некаде 1,6% вкупно на пазарот или само 0,3% од БДП за осигурување на живот. Мора да кажеме дека во високопразвиените земји се движи по 4-6% или во најразвиените земји по 8% само за животно осигурување пенетрација во БДП. А, според густината на осигурување, која што е вториот показател – мерењето на премијата по глава на жител, ако ние во 2025 година имаме некои 140 евра по глава на жител вкупно на пазарот на осигурување, или 25 евра само за животно осигурување по глава на жител, а премијата е по 2.000-4.000 евра во развиените земји по глава на жител, може да сфатиме дека има тука многу простор за подобрување на тие параметри и сè поголема застапеност на осигурувањето кое што има и некоја друга социјална мерка кога се случуваат одредени немили настани, дали е тоа за животното или и за други категории осигурување, тука е помал финансискиот товар на голем дел од семејствата“, вели Бобан Томески, генерален директор на „Кроација осигурување – живот“.
Иако во последните години осигурувањето континуирано расте, сепак станува збор за речиси најмалку развиен пазар, како во регионот, така и во однос на европските земји. Па, оттука, потенцијалот за раст во сите сегменти е голем.
„Карактеристика на недоволно развиените пазари е тоа што задолжителните осигурувања имаат голема улога. Па, така и во нашата држава задолжителното осигурување од автоодговорност има удел од неполни 50%. Тој удел од година во година се намалува. Пред неколку години беше над 50%, но сега веќе сме под 50%. Задолжителното осигурување има тренд на раст и тој тренд е поткрепен од новите состојби во сообраќајот, од ‘сејф сити’. ‘Сејф сити’ навистина позитивно влијаеше на намалување на бројот на неосигурани возила. И токму заради тоа гледаме пораст во тој сегмент. Ова е многу позитивно движење и нè придвижува кон развиените земји, каде што процентот на неосигурани возила е навистина минимален или практично не постои. Но, во другите сегменти, како што е сегментот на приватното здравствено осигурување, каско осигурување, патничко осигурување, имаме сè уште двоцифрени стапки на раст, што значи дека добро се развива нашиот пазар и од една состојба на недоволно развиен пазар, навистина има заземено добра патека и добро се движи кон пазар којшто е средно или подобро развиен“, вели Марија Томеска, претседателка на УО на „Еуролинк осигурување“.
Клучните пречки за развој на осигурителниот пазар се недоволната информираност или неразбирањето на бенефитите од осигурителните продукти.
„Меѓутоа, стапките на раст во Македонија се евидентни. Од година во година (повеќе од 10 години) имаме стабилен економски осигурителен развој. Тоа се должи на повеќе фактори. пред сè, се должи на тоа што луѓето почнаа да разбираат управување од финансиски ризици. во сето тоа, голема и клучна улога има осигурителниот сектор, конкуренцијата којашто ја носи и создавањето на нови производи коишто ги наметнуваме. плус, секако многу битно е регулаторната рамка којашто е на пазарот, е адекватна. економскиот степен на развој е сè уште евидентен, што значи дека сите тие фактори дел по дел придонесуваат за зајакнувањето на стабилната позиција на самиот осигурителен сектор“, вели Зоран Стојановски, извршен член на Одбор на директори на „Граве осигурување“
Според осигурителите, покрај потребата од поголема финансиска писменост не само на граѓаните, туку и на бизнисмените, уште едно поле на коешто мора да се работи е и дигиталната писменост, бидејќи иако нудат многу дигитализирани услуги, сепак тие не се користат доволно.
Мирјана Јовеска
https://youtu.be/Fy6NpgdpsUM
