Додека полицијата проверува дали има бомби во кантите за ѓубре и во жардињерите околу Дајмонд мол во Скопје, граѓаните уживаат во утринското неделно кафе.
Пред трговскиот центар во центарот на градот имаше паркирано полициско комбе и возила на агенција за обезбедување, полиција имаше и внатре, но трговскиот си работеше како вообичаено.
Вработените со кои разговаравме велат дека некаде по 10 часот дошла полиција и почнала да прави проверки, но оти Дајмонд не бил евакуиран.
Трговскиот центар Ист гејт мол околу два часа претпладнево бил евакуиран додека траеле проверки, но веќе околу 12:30 функционираше како вообичаено, а полицијата веќе си заминала, откако ги завршила проверките.
Пријавите за експлозивни направи во двата трговски центри во Скопје стигнале денеска на електронската пошта на МВР.

- „Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници во внатрешноста и околу објектите, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави за бомби“, информира МВР.
Во изминатите денови имаше низа лажни дојави за бомби во трговски центри во регионот.
Во четвртокот беа евакуирани два трговски центри во Сараево откако полицијата доби дојава за поставени бомби. Во саботата беа евакуирани три трговски центри во Загреб, и по еден во Подгорица и во Будва, исто така поради закани за поставени бомби. Имаше закани за бомби и во училишта и во државни институции во Зеница во БиХ и во Никшиќ во Црна Гора.
Македонија, но и земјите од регионот, беа жртви на лажни дојави за поставени бомби во училишта и во 2023 и во 2025 година. Лани само во еден ден беа исправени 240 закани за бомби во училишта. Сторителите речиси никогаш не се пронаоѓаат затоа што се испраќаат од еднократни електронски адреси од странство. Властите тогаш соопштија дека се работи за хибридни напад.
Срѓан Стојанчов
Б.С.
