Изборниот ден во Бугарија се одвива непречено. 6,5 милиони граѓаните имаат право да гласаат на предвремените избори. Некаде се гласа на хартија некаде со машина. Во Централната изборна комисија веќе се пристигнати околу стотина пријави за неправилности кои тековно се разгледуваат. ГЕРБ на Борисов се жали на неисправни машини.
Овие предвремени избори може да го доведат на власт левоориентираниот поранешен претседател Румен Радев, чија коалиција се смета за фаворит. Некои гласачи се надеваат дека ова би можело да стави крај на олигархиската корупција во земјата, додека други се согласуваат со евроскептичните и проруски ставови на Радев.
Анкетите на јавното мислење предвидуваат дека излезноста ќе скокне од просечните 35% и ќе надмине 50%, делумно затоа што нов играч се приклучи на трката, но и поради напорите на привремената влада да ја зголеми довербата во гласањето со полициски рации низ целата земја, апсења и предсудски постапки за купување гласови.
Повеќето анкети предвидуваат дека коалицијата на Радев би можела да добие повеќе од 30% од гласовите, што го става во предност од речиси 10% пред неговиот најблизок ривал – Борисов, ветеранскиот лидер на централно-десничарската партија ГЕРБ чиј последен мандат како премиер заврши со протестите во декември 2025 година.
Радев се претстави себеси како противник на вкоренетата мафија во земјата и нејзините врски со високи политичари. Приоритет му е продлабочување на односите со Владимир Путин.

- „Се надевам дека ќе развиеме практични односи со Русија врз основа на меѓусебно почитување и еднаков третман. Ова е нашиот пристап кон Русија. Мораме да ја почитуваме нашата историја, ја знаете улогата на Русија за ослободувањето на Бугарија. Ова е многу важно и, секако, никогаш нема да го заборавиме. Но, денешните односи треба да се засноваат на практичен пристап, особено во економијата и безбедноста. Верувам дека ќе има идни чекори за конечно да се постават односите меѓу Европа и Русија врз основа на договор за безбедност. Ова е исклучително важно за нашата иднина,“ рече Радев по гласањето
Бојко Борисов е дециден дека шансата за формирање влада по овие избори е многу мала, бидејќи ГЕРБ нема да учествува во коалиции. Тој го повтори цврстиот проевропски став на неговата партија.

- „Сакам повторно да го потврдам нашиот цврст европски став, за Украина, за Европската народна партија, Европската комисија и Европскиот парламент – за силна Европа и силна Бугарија во силна Европа. Ова е ГЕРБ,“ истакна Борисов.
Некои од гласачите допатуваа и од странство само заради изборите, а некои, уморни од честите изборни циклуси, велат дека за изборите досега се потрошиле пари колку за еден нов автопат.
- „Секако дека се уморивме од избори. Потрошивме толку многу пари за избори, што можевме да ги искористиме за изградба на автопат“ – Росен Иванов, гласач.
- „Проблемите со кои се соочува Бугарија се бројни. Од овие избори очекувам партија која ќе владее подобро. Живеев 30 години во Германија и се вратив да гласам за земја која припаѓа на Европската Унија“ – Рајна Месер Шмит, гласач.
Бугарија, земја членка на Европската унија и НАТО, се приклучи на еврозоната на 1 јануари оваа година, кратко време по влегувањето во безграничната Шенген зона за патување.
Предвремените избори следат по оставката на владата предводена од конзервативците, среде националните протести минатиот декември, кои привлекоа стотици илјади луѓе, главно млади луѓе, на улиците. Демонстрантите повикаа на независно судство за справување со широко распространетата корупција.
Од 2021 година, нацијата се бори со фрагментирани парламенти кои создадоа слаби влади, од кои ниту една не успеа да преживее повеќе од една година пред да биде соборена од улични протести или заткулисни договори во парламентот.
Билјана Ставрова
