Чад и непријатна миризба – на ова се жалат од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, кои алармираат дека вчера повторно избувнал пожар на депонијата. На терен немаше траги од пожар.
На депонијата Вардариште во моментов нема активен пожар. Територијата е обрасната со трева, а на некои места може да се забележи расфрлано ѓубре.
Од Центарот за управување со кризи ни потврдија дека вчера добиле пријава за пожар. Од противпожарната служба објаснуваат дека не станувало збор за пожар на самата депонија, туку за запалено ѓубре на кејот во близина на реката Вардар, кое брзо било изгаснато.
Граѓаните кои живеат во близина велат дека во изминатиот период не забележале чад и дека состојбата засега е мирна.
„Не забележавме ништо ние. Ако имало од другата страна на депонија. Овде беше се во ред“, вели анкетиран граѓанин.
„Немаме проблем. Веќе не мириса. Изгледа дека ги избркаа тие од таму што палеа. Добро е засега“, вели друг граѓанин.
Од иницијативата „Стоп за Вардариште“ сепак предупредуваат дека проблемот не е решен и бараат поажурно постапување од институциите.
„Сега сме во контакт со Град Скопје. Имавме некои средби до јануари, кога ни беа посочувани датуми, но сега има стагнација во комуникацијата“, вели Марко Џамбазоски oд „Стоп за Вардариште“.
Пред неколку месеци активистите протестираа 40 дена барајќи трајно решение, додека од Град Скопје беше ветено расчистување на депонијата и уредување на просторот во парк.
Тамара Марковска
