Судењето за предметот „Талир 2“ за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во кој е обвинет екс премиерот Никола Груевски се одложи поради отсуство на сведокот Кирил Божиновски, поранешен функционер од редовите на партијата, а кој беше повикан од одбраната.
Адвокатот на екс премиерот Груевски рече дека стапил во контакт со сведокот но тој бил на фамилијарно патување и достави авионски карти како доказ дека Божиновски не е во земјата. Адвокатот уверуваше дека Божиновски ќе се појави на следното рочиште кое е закажано за 30 април.
Во судницата денеска обвинението за првпат го застапуваше нов обвинител откако јавниот обвинител Савески ги повлече овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска, по што таа си поднесе оставка. Нов обвинител е Kристијан Смилевски кој во изјава за медиуми рече дека „го проучил предметот“ и се надева дека постапката ќе заврши пред предметот да застари кон крајот на август или почеток на септември.
Ако Груевски се врати, обвинителот потврди дека тој има право да побара да му се суди во присуство. „Талир 2“ се однесува за незаконската градба на седиштето на партијата.
Елена Ивановска Мукоска
