Во вечерашната емисија „Вин-Вин“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски оцени дека десет години по Шарената револуција, граѓанската енергија е сериозно исцрпена и трансформирана во апатија.
Според него, масовниот граѓански активизам секогаш подразбира силен емоционален влог, а кога очекувањата нема да се исполнат, разочарувањето е уште подлабоко.
„Енергијата денес е претворена во анестезија, апатија и летаргија, како и во драматичен цинизам“, истакна Арсовски, додавајќи дека останува отворено прашањето дали таа повторно може да се акумулира или ќе се сведува на спорадични протести.
Тој предупреди дека слабеењето на критичката јавност создава простор власта целосно да го контролира наративот.
„Се случува пасивизација на критичката јавност која полека се претвора во циничен воајер кој бега од сопствената одговорност“, рече Арсовски.
Во комуникациска смисла, според него, политичките елити свесно ја „вентилираат“ јавноста преку социјалните мрежи, со цел да се намали притисокот на терен.
„За стабилократија, сакате граѓаните да бидат нервозни на Фејсбук – тие што ќе се ‘испукаат’ таму, нема да излезат на улица“, оцени тој.
Арсовски заклучи дека ова не е привремена фаза, туку подлабок тренд на наталожени разочарувања, кој може да резултира со радикални политички поместувања кога незадоволството ќе достигне критична точка.
Т.Д.
