Вести Магазин

(Фотогалерија)Уметност стара илјадници години: Украинските писанки оживуваат во пресрет на Велигден

Во пресрет на Велигден, Музејот на писанки во Лавов, Украина  е исполнет со посетители и љубители на традицијата. Просторот, сам по себе претставува уметничко дело,  кој е во форма на огромно, 13-метарско јајце украсено во традиционален украински стил – сведочи за богатството на една од најстарите културни практики во Украина.

Во музејската колекција се наоѓаат повеќе од 12.000 уникатни експонати – од класично украсени јајца од препелица, кокошка, гуска, па дури и ној, до креативни изработки од слама, монистра, железо и дрво. Меѓу највредните е и најстарото велигденско јајце во Украина – гускино јајце старо околу 500 години, чиј оригинал се чува во депо, додека посетителите можат да видат негова реплика.

Но, писанките не се само музејски експонати. Традицијата продолжува да живее преку работилници и мастер часови. Една од оние што ја негува оваа уметност е Вира Манко, позната украинска уметница која веќе 40 години ги истражува, проучува и создава писанки.

Во својот дом во Лавов, таа ги подучува новите генерации на оваа древна техника, која, според историчарите, постои веќе 2.000 до 3.000 години.

„Јајцето некогаш било симбол на раѓањето на вселената, а во христијанството ја претставува победата на животот над смртта“, објаснува Манко.

Секој регион во Украина има свои орнаменти и симболи – од плодност, бесконечност, ѕвезди, до крстови. Во минатото се верувало дека тие имаат магична моќ и дека она што ќе се нацрта на писанката може да се оствари.

Процесот на изработка е прецизен и бара трпение. Со специјална алатка прво се нанесува восок врз јајцето, кое потоа се бои во повеќе слоеви, од посветли кон потемни нијанси. На крајот, восокот се отстранува и се открива дизајнот.

За оние кои учествуваа на работилницата оваа година, сликањето со восок претставува медитација. Традицијата налага писанките да се создаваат со чисти мисли и добра намера.

„Жените порано се подготвувале, се молеле и пееле додека ги украсувале јајцата, верувајќи дека негативните мисли можат да донесат несреќа“, раскажува Манко.

Завршените писанки, како симбол на верата и животот, учесниците ги ставаат во велигденски кошници и ги носат на благослов во црква – продолжувајќи ја традицијата што опстојува со милениуми.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе