Агенцијата за национална безбедност (АНБ) објави фотографии и соопштение за потпишаниот Меморандум за соработка со Државното обвинителство. Целта на Меморандумот е унапредување и зајакнување на меѓусебната соработка, а беше потпишан од директорот на АНБ, Бојан Христовски и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Ненад Савески.
„Со овој Меморандум се утврдува рамка за соработка во области од заеднички интерес, со посебен акцент на ефикасно спроведување на надлежностите на двете институции, како и унапредување на превенцијата и справувањето со безбедносните предизвици“, соопшти тајната служба АНБ.
Во соопштението е наведено дека соработката ќе се реализира преку размена на податоци, информации и искуства; заеднички активности, проекти, конференции, обуки и работилници; координација во области од заеднички интерес.
Двете институции се обврзале на примена на највисоки стандарди за безбедност и доверливост при реализација на соработката, согласно важечкото законодавство.
Припадниците на АНБ немаат законски утврдени полициски и истражни овластувања и при откриени случаи задолжително го известуваат обвинителството кое отвора истраги. Двете институции досега имале активна соработка во случаи на безбедносни закани и тероризам, чие откривање е во надлежност на АНБ. Но, има и истраги кои се поврзани и со други криминални сегменти.
Меѓу последните соработки беше случајот со апелациониот судија Ѓоко Ристов, кога при претресите и истрагите, АНБ учествуваше со свои сознанија и асистенција. АНБ прибираше и определени информации за случајот со шверцот на пет тони марихуана во Србија.
Христовски, кој е директор на АНБ од октомври 2024-та, претходно беше дел од предистрага на обвинителството за неговите ТОЕФЛ сертификати по англиски јазик, извадени во Бугарија, но обвинителството соопшти дека не откриле докази за сторено кривично дело „фалсификување“.
Миомир Серафиновиќ
