Вести Македонија Најважни

Готови се токсиколошките анализи на жртвите од „Пулс“, родителите ќе ги слушнат во судница

Пред да одат на рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“, родителите на починатите деца утрово дојдоа во Судска медицина. Трагаат по одговорите што со месеци ги чекаат, за причините за смртта на жртвите. Средбата со директорот на Судска донесе уверување дека се направени сите потребни токсиколошки анализи, но не ги слушнаа конкретните резултати. Им било посочено дека целата документација е доставена до Јавното обвинителство.

„Баравме од Институтот за судска медицина да дознаеме дали се направени сите токсиколошки анализи за сите наши починати деца. Тоа не нѝ беше одговорено, па ние моравме да дојдеме, бидејќи дадовме рок од три дена. Дојдовме и нѝ објаснија дека сѐ е дадено во обвинителството, дека се направени сите токсиколошки анализи и ќе чекаме на вештачењето во судот. Кога нѝ починаа децата, тие земаа примероци од крвта и од органите, но немало машина за испитување на токсични материи. Сега има машина, сѐ е испитано и предадено во обвинителството“, кажа Александар Наунов, родител на починатата Надица Наунова. 

Директорот на Институтот за судска медицина, доктор Александар Станков, информираше дека средбата со родителите поминала конструктивно, а институцијата ги исполнила сите обврски во рамки на истрагата. Нагласи дека целокупниот материјал ќе биде изнесен во понатамошниот тек на постапката.

„Дојдоа роднините денеска, поразговаравме. Објаснето им е сѐ што треба досега да се објасни. Како што и претходно дадов изјави, сѐ што е побарано од нас е завршено и сите докази ќе бидат презентирани во текот на судската постапка“, изјави д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина. 

Родителите на загинатите велат дека не застануваат овде и нивната борба не завршува, туку продолжуваат со уште поголема решителност кон целосно откривање на вистината и обезбедување правична и транспарентна постапка за сите семејства на жртвите.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе